КНИЖЕВЕН ПРЕПИШУВАЧКИ ЦЕНТАР ОД 15 ВЕК

Манастирот Св. Гаврил Лесновски

Lesnovski Manastir

 

На стар изгаснат вулкански кратер кај Пробиштип е изграден Лесновскиот манастир Св. Гаврил Лесновски во 11 век. Звукот на чукањето од дрвено клепало во манастирот е единствен кој се слуша во брегалничката епархија. Само во него живеат монаси, заедно со митрополитот. Манастирскиот комплекс го сочинуваат црквата, кулата – камбанаријата, магацинската зграда со неколку помошни простории и обновените конаци. Тоа е машки манастир.

-Денот во манастирот почнува со будењето на браќата со чукање на клепалото во 4.30 часот. Првин е утринската богослужба и секојдневната светата литургија.

-Во житието за Св. Гаврил Лесновски се вели дека калуѓер со клепало ги будел монасите. Тој бил од благородно семејство каде го оставил целот свој имот. Дошол во лесновската гора, да го основа манастирот, посветувајќи го на Св. Архангел Михаил. Живеел строг живот во пештера. Последните 30 години ги минал во Обловска пештера во кратовско. Неговите свети мошти се закопани во манастирската црква од која се случувале многу исцеленија и чуда – велат монасите.

По упокоението на светецот од 11 век, до 14 век, кога е возобновен манастирот, се смета дека Лесново била една од најголемите монашки населби на Балканот со преку 300 монаси. Со времето тие го претвориле  божјиот дом во книжевен центар.

-По охридскиот центар на свети Климент Охридски, ова бил еден од најголемите книжевни центри во православниот свет. Монасите препишувале на старословенски и умножувале богослужбени книги. И ден-денес некои книжевници кои биле во Русија, кажуваат дека наишле на ракописи на книги со потписот од лесновскиот книжевен центар од 15, 16 или 17 век. Лесновската библиотека била една од најголемите на Балканот со многубројни ракописи, кои, за жал, се разнесени по целиот свет.

St-Michael-Hermit-Gabriel-Lesnovo-09-2016-08-19-2005

Во однос на другите македонски манастири и цркви, најзачувани и најубави фрескоживописи од византиското сликарство до 14 век се наоѓаат во овој манастир.

-Присутни се речиси сите стилски изрази во византиското сликарство. Од фреските, најпознати се живописите на цар Душан и царица Елена, како и на ктиторот. Друга карактеристика е резбаниот иконостас што е прво дело на мијаците Петре Филиповски – Гарката и неговата тајфа. Иконостасот е изработен од 1811 – 1814 г. во длабока тројна резба. Умешноста и нивниот неповторлив дар и денес сведочи за раскошниот талент за резбарство, рамен на виртуози – раскажуваат калуѓерите.

Лете може да вкусат плодови од долговечното дрво, црница, старо над 600 години.

-Со возобновувањето на манастирот во 14 век, посадена е долговечната црница, која е една од трите такви дрвја кои постојат на Балканот. Таа има форма на крст – откриваат монасите.

Св. Гаврил е еден од четворицата пустиножители, заедно со Св. Јован Рилски, Св. Јоаким Осоговски и Св. Прохор Пчински, кои се сметаат за зачетници на еремитското монаштво во Македонија кое се развило под влијание на Света Гора и ги зафатило северните делови на Македонија.

Loading