ЌЕ СИ ЗАМИНЕ ЛИ ЖБОГАР?

ivce1Самоил Жбогар. Претставник на Европската унија во нашава земја. Најавил заминување од Македонија. Презентерката известува за тоа. Вели – ,,ЖБОГАР ЌЕ СИ ЗАМИНЕ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА 3 МЕСЕЦИ,,. Презентерката го кажа тоа, а што треба да разбереме од нејзиниот исказ? Тоа значи дека Жбогар ќе биде отсутен 3 месеци. Не í беше тоа целта на презентерката. Сакаше да ја потврди изјава на Жбогар дека тој ќе си замине од Македонија засекогаш. Вакви грешки се прават мошне често. Зборчето ЗА може да биде некогаш сврзник. а некогаш предлог. На пример – ,,ТОЈ МЕ ФАТИ ЗА РАКА,,. Овде ЗА е предлог. Друг пример – ,,ТОЈ ДОЈДЕ ЗА ДА МЕ ВИДИ,,. Во овој случај ЗА претставува сврзник. Да не теоретизираме многу. На реченицата со која сме известени дека Жбогар ќе ја напушти Македонија потребен е предлог, но не предлогот ЗА, туку предлогот ПО. Жбогар ќе си замине од Македонија ПО 3 месеци, а не ЗА 3 месеци. Во случајов предлогот укажува на последување во времето: ред по ред, ден по ден, по некое време и многу такви. Овде се укажува дека Жбогар ќе замине по некое време, по 3 месеци. Ваквите грешки се мошне чести. Сме слушнале реченица: ЌЕ ИМАМЕ ВЛАДА ЗА 20 ДЕНА, наместо ЌЕ ИМАМЕ ВЛАДА ПО 20 ДЕНА. Станува збор за тоа по колку дена ќе ја добиеме владата, а не колку дена ќе трае.

Има и една друга неусетна грешка која се провлекува во повеќе случаи. За жал, ја прават интелектуалци, луѓе кои треба да знаат за таа неправилност. Слушавме извесно излагање на Претседателот на Македонија. Зборуваше нешто за јазикот, за нашиот македонски јазик, за неговата кодификација, за неговото изучување и во други држави. Ги спомна и придавките – ПИСМЕНО и УСМЕНО. Ете таа грешка ја прават многу луѓе, грешка со употреба на придавката УСМЕНО. Водени од српскиот модел, не водејќи сметка дека тоа кај нас е поинаку, па наместо УСНО тие велат УСМЕНО. Во нашиот јазик не постои именката УСМЕНО. Кај нас таа гласи УСНО, во множина УСНИ. Српската придавка УСМЕН кај нас гласи УСТЕН изведена од именката УСТА. Ние велиме УСТЕН испит, а не УСМЕН. Женски род ќе биде усна, среден род усно. Да речеме – УСНО излагање. Веднаш се поставува прашањето зошто во машки род придавката гласи УСТЕН, а во женски не гласи УСТНА и во среден УСТНО? Каде исчезна и зошто исчезна гласот Т? Зошто него го нема? Затоа што тука се добива една група од 3 согласки (стн) што природата на нашиот изговор не ја трпи, што е тешка за изговор. Има повеќе такви случаи. На пример – МЕСТЕН комитет, но – МЕСНА заедница. Некаде со Т некаде без него. Постои некакво правило. Таков е случајот и со УСТЕН и УСНА (усно). На крајот, да резимираме. Во нашиот јазик е ПИСМЕН и УСТЕН (не усно). ПИСМЕНО искажување и УСНО (не усмено). Оваа грешка му се провлекла на Претседателот или поточно на лекторот. Неговите напишани текстови се лекторирани. Така барем мислиме. Според тоа со право можеме да заклучиме дека грешката не е мала, ако е направена од лектор. Тој треба знае, и знае дека ПИСМЕНА содржина ќе биде изложувана УСНО.

Глаголот ЗЕМА во скопскиот говор се користи на многу погрешен начин. Ајде таа на Бит Пазар може да помине но редовната употреба во ТВ емисии не смее да се дозволува. Скопјани не велат ДАЛИ ЗЕДЕ ПЛАТА, туку велат ДАЛИ ЗЕМА ПЛАТА. И еве, истакнат презентер и водител во национална телевизија поставува прашање: ДАЛИ СТЕ ЗЕМАЛЕ ВАУЧЕР? Глаголот овде треба да биде во свршена форма – ДАЛИ СТЕ ЗЕЛЕ ВАУЧЕР, а не ДАЛИ СТЕ ЗЕМАЛЕ. Се случи огромна, катастрофална експлозија во Бејрут. Загинаа многу луѓе и настана огромна материјална штета. Новинарката известува: ЕКСПЛОЗИЈАТА ОДЗЕМА ПРЕКУ 100 ЖИВОТИ. Еве ја истата грешка. Свршената форма ОДЗЕДЕ во скопскиот говор гласи ОДЗЕМА. Реченицата треба да гласи: ЕКСПЛОЗИЈАТА ОДЗЕДЕ ПРЕКУ 100 ЖИВОТИ. Ако формата е неопределена ќе гласи ОДЗЕЛА, а не ОДЗЕМАЛА.

Loading