ЧЕРВИШ

Постојат некои вкусови кои не се забораваат. И да поминале години од последниот залак, можеш да се сетиш на мирисот, па дури и да го почувствуваш неговиот вкус во устата. Такво беше червивчето на баба ми.

Спомените од детството ми се засладени со впечатливиот мирис на утринската саботна манџа кој се ширеше од бабиниот шпорет. Тоа беше мирис од кој се тргаа сите палта и алишта од собата, само да не се ,,смирисаат,,. Сега сé би дала за повторно да ,,облечам,, нешто со истиот тој мирис од бабината манџа. Се отвораа прозорците, се затвораше вратата од кујната, само за да не се шири мирисот низ другите соби. Во зимскиот период, се радувавме на топлината од распламтениот шпорет, истиот на кој катаден се пресигаа рацете на баба ми да извадат уште некое кулинарско совршенство.

,,Бабе, сакаш да ти притурам од червивчето?,,

Ќе се чуеше гласот на баба стоејќи над мене со караванчето и наполнетата лажица спремна да го налеј червивчето врз преостанатото мевце од чинијата.

,,Да, бабо, притури ми,,.

Ќе се поттргнев за да направам место, за неговото величество да не остави ниедна капка на мојата блуза или на белото чаршафче. Црвенкастата течност ќе се разлееше во чинијата, запоседнувајќи го целиот преостанат простор. Вкусот се засилува кога ќе макниш до трипати со парчето леб кое најчесто беше и поголемо од устата. Сите на трпезата макаа, па дури и го сркаа убавото червивче на баба. Мирисот и вкусот останаа успешно врежани во сеќавањето, вдлабени некаде далеку, неизбришливи. Тоа е червивчето на баба ми!

Червиш е турцизам. Потекнува од турскиот збор çервиş. Во македонскиот јазик има значење на сок од месо во јадење и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

Loading