Фудбал: Најзначајни гостувања на Деспина
-Две нерешени ќе се сметаат за успех
По шест кола, по последната победа со 11:0 над битолски Атлетико, екипата Деспина е лидер во Првата женска лига со максимални 18 бода, нопретстојат вистинските, дерби-мечеви. Викендов е гостувањето во Каменица кај Саса, водечка до прекинот на минатото првенство со само едно реми и 13 победи, а есенва со прв пораз од Тиверија во Струмица. Токму Тиверија е наредниот ривал на Деспина, исто во Струмица. Иако е рана фаза од првенството, двете гостувања можат да бидат најзначајните, доколку прилепскиот тим остане не поразен.
-Ги гледавме и имаме слика за нив. Тиверија е покомпактна, со подобра средина. Играат на контри. Кај Саса послаб дел е одбраната, подобар нападот, најквалитетен во Лигата. Тука треба да ги сопреме. Со комплетен состав очекуваме позитивен резултат, а и двапати нерешено е успех – вели Славчо Ѓорѓијоски, челниот човек на Деспина.
Табела: Деспина 18, Тиверија 16, Саса и Скопје 15, Унитед 13 итн.
Милеска –репрезентативен капитен
Во квалификациите за Европско, Македонија со 0:7 загуби од Франција, една од најсилните во светот. На списокот од домашниот селецтор Изов беа членките на Деспина: голманот Верица Колевска, бранителките Даниела Велеска и Катерина Милеска, за врска Јана Чубриноска. Милеска одигра со капитенска лента од почетокот, а Велеска и Чубриноска влегоа во вториот дел.