ПАКЕТ ЗА ГЛУМИЦА ОД „ЏЕМС БОНД 007“

Живот: Влатко Аврамоски – возач – дистрибутер во Лондон

-Најдобриот фудбал се игра во Англија, а тоа е како порачано за прилепчанец

Vlatko Avramoski

Инженер е по сточарство, но нашиот сограѓанин Влатко Аврамоски одбрал друга професија во една од најважните светски метрополи – Лондон. Авантуристичкиот дух, желбата да патува и истражува го навеле да биде возач-дистрибутер. Секојдневно се среќава со безброј луѓе, меѓу нив и со големи ѕвезди, од најбогатиот слој.

-Носевме пакет кај Хелен Мирен, прочуената глумица. Игра во ,,Џемс Бонд 007,, во последниот циклус филмови. Возев до ,,Клапам Комон,,, најбогатиот дел од Лондон. Ѕвонам, со мисла некој од послугата ќе се појави. Вратата се отвора и – излегува таа! Паметам, број 11 беше. ,,О, Хелен Мирен!,, – извикав. ,,Јес,,. Не можев да верувам. Многу комуникативна. Се смее. ,,Имате порачка,,? Ова е за Вас,,. И врачувам. ,,Тенкју, вери мач,,. Најљубезно се заблагодари и го зеде пакетот. И кажав на сестра ми, а таа со право ми забележа оти не сум се сликал. Момент беше и не се сетив да направам фотка со големата ѕвезда. Колку да е богата, милијардерка, и таа како и обичните луѓе има потреба од порачки. Можеби козметика или слично нешто беше во пакетчето завиткано – раскажува Аврамоски.

Веќе пет години е во британската престолнина, каде оди по повик од сестра му Валентина, која таму повеќе од две децении живее со сопругот Александар и децата Ивана и Предраг. Нивна е компанијата за дистрибуција на разни материјали, производи по порачки, весници, списанија, реклами… Доставата е низ цела Велика Британија: Лондон, па Глазгов, Бирмингем, Манчестер, Нотингем, Ливерпул, Кардиф…

-Некогаш остануваме и преноќеваме во друг град, во хотел. Со мене возам уште двајца или тројца. Работата е динамична, интересна. Ме исполнува. Ми причинува задоволство. Нема град или село што не сум ги посетил овие пет години – вели Влатко. 

Многу работа, малку одмор. Тоа е ритамот на Островот. А каде во тоа кусо време од викендите? Во земјата со најдобар фудбал во светот – тоа е како порачано за прилепчанецот. И за Влатко фудбалот е спорт што најмногу го интересира. Што друго да сака човек од најфудбалскиот град, од дете навивач на Победа. Од некогашна Југославија па до ден-денес в срце го носи сплитски Хајдук. Сега е симпартизер на два тима од Премиер лигата, Манчестер јунајтед од сите англиски екипи, Тотенхем од лондонските.

Pred stadionot na Fulam

-Некоја сила одозгора сакаше токму Тотенхем со Жозе Мурињо вчера да гостуваво Скопје. Не гледав оти се играше без публика. Во Англија сум гледал натпревари на секој стадион. Совреме, пред неколку недели, купувам влезница оти тешко се најдува. Бргу се распродаваат месечните и годишните влезници. Пред натпревар нема никакви шанси да се најде ни еден билет. Може само преку дилери, препродавачи, каде што се повеќекратно поскапи. Над илјада фунти бараат за влезница, а регуларно има и за 150 фунти – го кажува искуството предв лезот на стадионите.

Pred stadionot na ArsenalПрилеп е мал град, но прилепчани се чудо. Ги има насекаде, па и во Лондон. Во огромниот град по територија и бројна жители – околу 15 милиони, Влатко се запознал со многумина сограѓани. Но средбите со нив не биле чести. Според него, околу тоа има објективен проблем. А тоа е начинот и неверојатно брзиот ритам на живот. Таму нема доволно време да се види човек со човек, со сонародник, земјак. Да сакаат да договорат термин, тоа е многу тешко, речиси неизводливо. Едниот ако е малку послободен, другиот е на работа, и обратно.

-Секој ита кон работата. Сосема различен начин на живеење во споредба со нашиов тука. Сé е во движење. Ги нема тие дружења. Сепак, во Лондон има викенд – собиралиште за Македонците. Порано немавме своја и одевме во Српската црква, но пред две години отворивме просторија која ќе треба да се освети. Таа е во централниот дел од градот. Се собираме за православните обреди и празници – го лоцира македонскиот дел од Лондон.

Helen MirenРазговараме за убавите и лошите страни. Влатко е фасциниран од британската точност. Таа е, како што вели, стопроцентна. Ако треба една работа да почне во 8 часот, таа во 8 почнува. Не може да стартуваво 8 и пет.  Најбитна таму е прецизноста. Строга професионалност и дисциплина. Кафето е ,,земи-носи,,. Се пие во движење. Не смее да има застој. Нема отстапки. Храната и гардеробата биле поевтини отколку кај нас.Има голем избор од сите континенти. Климата е сменета. Не е повеќе врнежливо како некогаш. Лани температурата достигнала до 43 степени, што не се случило 150 години. А, лошата страна? Хигиената. Зарем е можно? Со напливот на емигранти, Лондон, ако се изземе централното градско подрачје, е моментно најнечистиот град. Страшно. Комуналните служби не можат да се справат. Што е она најубавото од Прилеп и Македонија за да го земат Британците?

-Комуникативноста, блискоста. Тоа го нема таму, кај типичните Британци. Меѓучовечките односи, средбите и разговорите со часови, таму отсуствуваат. Тоа не е влезено во менталитетот, во секојдневниот начин на живеење – смета Аврамоски.

Веќе 40 дена е на одмор во Прилеп, кај родителите Ордена и Бранислав. Времето му минало брзо, како да се два-три дена. Чека повик да ,,летне,, пак кон Лондон. Некогаш печалбарите беа нарекувани ,,привремено вработени во странство,, со план да се вратат. А сега?

-Немам размислувано. Можно е да останам во Лондон, а не е исклучено и да се вратам во Прилеп. Времето ќе го даде одговорот-рече на крајот Влатко Аврамоски.

Англичаните грицкаат „Стоби флипс

-Пријатно се изненадив кога видов наш, прилепски производ во Лондон. Ме израдува популарниот ,,Стоби флипс,,. Веднаш го сликав. Го имам видено во повеќе продавници. Иста амбалажа, истиот производ како кај нас. Во Лондон да биде некој производ во продажба, треба да заслужи, да биде со квалитет, да е бренд. Таков е овој производ од Витаминка.

Loading