ЈАЛНАШ

Генерално гледано, луѓето скоро, па и никогаш, не сакаат да бидат јалнаш. Тоа си носи со себе чувство на вина, некое понижувачко чувство кое може многу брзо да те растажи и да си поигра со тоето расположение.

Кога бев малечка верував во секого и сечие размислување го сметав за апсолутна вистина. Мислев дека сечиј изговорен збор не може да биде ништо поразлично од вистина, а лага не ни знаев што значи. Бев јалнаш. На секое ветување гледав како заклетва. Очекував секој да си го одржи тој, според мене тешко изговорен збор на ветување. Бев јалнаш. Верував дека сите го посакуваат твоето друштво бидејќи во тебе гледаат вистински пријател. Не знаев дека некој замаскиран во најдобар другар може да се обиде да те промени, оти не си тоа што тој сака ти да бидеш. Бев јалнаш. Мислев дека сè е вечно, луѓе, насмевки, мириси… Не верував во брзината на животот, во растењето, во моето идно себе. Не верував дека некогаш ќе се запознаам со тоа возрасно себе кое ќе живее живот во кој не сум ни верувала. Бев јалнаш.  Во текот на образовниот процес, верував дека сите ќе го вреднуваат вистинското знаење и секој ќе ја добие оценката која ја заслужува. Бев јалнаш. Мислев дека секое сеќавање се сортира во мозокот и останува таму за на век. Повеќемина ме убедија во спротивното. Повторно бев јалнаш.

Не се каам што погрешив. Некои работи само ми беа патоказ за вистинската насока, ми беа поука од подгорената разочарана верба. Некогаш успевам да бидам доволно упорна што никаков јалнаш не може да ме разубеди. И покрај сé, научив да им дозволувам на луѓето да ме потсетат што е верба и како се верува. А тука не постои јалнаш.

Јалнаш е архаизам кој потекнува од турскиот збор ѕанлış. Во македонскиот јазик се користи со значење на погрешно, неточно, неправилно и тоа во улога на прилог.

Нина Насеска

Loading