ГОРДИЈ – „ГОРДИЈЕ“

ivce1Поубаво, понекогаш да бараме да наоѓаме наши подзаборавени зборови отколку да одиме на готово, да позајмуваме туѓи. Сме слушале, не ретко, двајца пријатели да ги расипат односите, да се скараат. А сме чуле и тоа, еден од пријателите да вели дека се ,,отарасал,, од својот пријател. Тој збор не е наш, зар не е подобро да бараме наш? Своевремено сретнавме во некоја од приказните на Цепенков интересен збор. Ѓаволот му се приближувал на некој добар човек и сакал да го наведе на нешто лошо. Човекот го насетил тоа и успеал да го отсеби ѓаволот. Да го ,,отсеби,,. Успеал да го отстрани од себе. Зар не е подобро да се користи овој збор, отколку да се вели успеал да се отараси? Во нашава јазична (и секаква) ситуација тешко дека ќе може глаголот ,,отсеби,, да обезбеди место во нашиот јазик. Штета! Повторно во приказните на Цепенков сретнавме интересен, подзаборавен збор – ,,арниса,,. Овој глагол се користел во поодамнешно време. Сега не сме го чуле. И тој мошне често се заменува со српскиот глагол – ,,отараси,,. Некој човек многу пиел и сега се откажал. Би рекол – ,,Се отарасав од тоа зло,,. Кај Цепенков односната реченица гласи – ,,Го арнисав пиењето,,. Значи се откажал од тоа зло. Најпосле – го арнисал ортаклукот, така гласи една реченица во приказните. Значи, се откажал, се разортачил едниот ортак. Го напуштил договорот, се ослободил од таа обврска. Глаголот ,,арниса,, го има во Речникот со назнака дека се користи разговорно. Се прашуваме, зошто не и во литературниот јазик.

Влегуваме во собата, телевизорот пуштен тече некоја емисија. Не го слушнавме почетокот. Чувме само ,,Гордиев јазол,, или народски речено ,,Гордиев чвор,,. Не разбравме кој и за што зборува. Претпоставуваме дека е историчар. Ја раскажа легендата од грчката митологија за Гордиевиот јазол.  Во почеток тој ја изговори именката ,,јазол,, и потоа ,,објасни,, дека народски тоа било ,,чвор,,. До крајот на излагањето повеќепати го користеше тој ,,народски,, збор! Чудно! Од каде му паднало на ум дека зборот ,,јазол,, народски бил ,,чвор,,. Јазолот е начин на врзување. За разлика од клучката, која лесно се разврзува, кај јазолот тоа е потешко. Ако имаме некој јазол кој многу тешко се разврзува имаме збор – песијазол (песји јазол). Нема никаква основа да се мисли дека народски јазолот се вика чвор. Да напоменеме ,,Гордиев јазол,, се користи и во некоја преносна смисла кога е во прашање некој тешко решлив проблем. Инаку, според легендата кој ќе го разврзел јазолот, ќе успеел да завладее со Азија. Александар Македонски го расекол со мечот. Така се исполнило пророштвото и Александар завладеал со Азија. Гордиј е крал на Фригија. Тој го заврзал јазолот. Со тоа име многу често се прави грешка. Во многу наши медиуми сме го сретнале напишано – Гордие па дури и Гордије. Погрешно е тоа. Во македонскиот јазик тоа име треба да гласи (и гласи) Гордиј. Се прават слични грешки и со други слични имиња.

Пребарувајќи по нашиве ТВ се појави набрзина еден текст. Прочитавме!. ,,Мишко е гение,,. Не можевме да разбереме за кого станува збор и каква емисија беше тоа. Не е важно. Вниманието го свртува именката – ,,гение,,. Грешкава е слична на претохдната. Односната именка треба да гласи – ..гениј,, исто како ,,Гордиј,, и како многу такви. Под влијание на српскиот јазик овие грешки се мошне чести.

Извесна госпоѓа од една здравствена институција објаснува дека имале комплетна опрема и калјачи. ,,КалјачИ,,! Зошто? Во нашиот јазик тоа се – ,,пантофли,, (во Прилеп пантофки).

На ТВ слушнавме дека некој профессор, иако инфициран од ,,корона,, сепак делел СВЕДИТЕЛСТВА. Ете, заборавиле дека треба СВИДЕТЕЛСТВА, а не СВЕДИТЕЛСТВА.

Многу грешки. Дали ќе ја арнисаме оваа наша појава?

Loading