Има некое големо задоволство во правењето на сефте. Човек може да го чека своето сефте и да успее да му се радува како мало детенце. Нема сефте, кое не предизвикало барем малку среќа. Во пресрет на летниот период, секој сака да направи сефте со оние овошки и зеленчуци кои го симболизираат летото. Едвај се чека да излези првата лубеница, па макар и зелена. После само едно парче од сефтосаната лубеница, ти се чини како да си само еден чекор поблиску до новото сончево лето. Наближува есента, и секој сака да направи сефте на најомилените златни плодови. Што побрзо да се купи тиква, да се испече некое јаболко, па низ секоја соба во куќата да се рашири слаткиот зациметен мирис.
Секогаш е возбудливо кога се прави сефте со новиот автомобил. Тоа подразбира една долга прошетка по прилепските централни улици, со мисла што повеќе луѓе да сведочат за тој радосен час.
Додека го запишуваш новиот рецепт за кифлички со сусам, го замислуваш мирисот на сефтето кој ќе се шири од шпоретот, па што подалеку. Тие радосни моменти кога точно применетиот рецепт всушност се покажува за повкусен од очекувањата, се оние најдрагоцените во готвачкиот занает.
Кога бевме мали, се натпреварувавме кој попрв ќе направи сефте во езерската вода. Ќе се шлапнеш во ладната вода радувајќи í се бидејќи ти е прво пливање во годината, а тоа првото е најслатко.
Дали првпат за годината или првпат во животот, секое сефте носи е среќа која е убава и возбудлива на свој начин. Тоа се тие моменти кои не смее да се дозволи да избледат во заборавот.
Сефте е турцизам што потекнува од турскиот збор сифтах. Во македонскиот јазик има повеќе значења и тоа почеток на дневната работа кај трговец, неговиот прв пазар или како првпат и тоа во улога на именка.
Нина Насеска