НЕДЕЛНО ПО ДВА МЕЧА

Ракомет: Збиен есенски суперлигашки распоред

-Деспина игра денеска и в недела, РК Прилеп денеска и в понеделник

RK Prilep

Новите суперлигашки првенства се играат забрзано. Машката Супер лига, Б-група, стартуваше на 11 септември, а РК Прилеп од 2 коло на 14 септември, со пораз 21:28 дома од фаворитот, скопски Металург. Веќе денеска е гостувањето кај Работнички во Скопје, в понеделник дома со Младост од Богданци. До 2 ноември кога завршува првиот круг, ќе се одиграат уште три меча: со Тиквеш во Кавадарци, дома со скопски Бутел, со Е. Пелистер 2 во Битола. Тренерот на Прилеп, Горан Кузманоски, располага со следните играчи: Цинцадзе, Христоски, Ангелески, Пајкоски, Рустамов, Бикоски, Манчески, Трајкоски, Дукоски, Шокоски, Бурчески, Карафилоски, Чантурија, Амзоски, Гавашелишвили и Чурлевски. Целта е опстанок во Лигата. Тоа се постигнува само со пласман до 3 место во групата, или со 1 место во плеј-аутот меѓу 8 тима, или со 2 место во плеј-аутот, а со победа во баражот. Директно отпаѓаат 6 тима.

Денеска почнува женската Супер лига, во која Деспина гостува во Гевгелија. Веќе в недела има нов меч, дома со скопски Спартак, а пет дена подоцна, в петок, со Пелистер во Битола. По натпреварот на 27 септември дома со скопски Чаир, следи пауза до 9 октомври, кога е дуелот со Овче Поле во Свети Николе. Во Лигата со 13 тима, настапуваат уште; Шампион, Кузман Вардар, Ѓорче Петров, Вардар, Металург (Скопје), Стружанка (Струга) и Куманово. Плеј-оф нема, туку само два круга по систем ,,дома-гости,,. Бидејќи е единствената сениорска лига, нема отпаѓање. За младата екипа на тренерот Страшо Илиески успех е средина од табелата.

Сите мечеви се играат без гледачи.

Loading