СЕ ПРЕДАВАМЕ – „РАЦЕТЕ ВО ВИС“

ivce1Вирусот корона и изборите не врзаа да остануваме дома и телевизорот да ни биде редовен придружник. Гледаме сé и сешто. Речиси нема емисија која не предизвикува револт од јазичните грешки. Грозни се престрелките меѓу партиите. Што сé не си велат, се напаѓаат, се навредуваат. Претставник на извесна партија зборува колега од противничкиот табор. Навредливите зборови, испомешани и со јазични грешки, ја прават сликата уште погрда. Тој, неговиот противник, бил толку лош, толку жесток, тој им ја усисал и последната капка крв на граѓаните. Замислете! Им ја ,,усисал,, и последната капка крв. Ете, тој крвопиец, тој крвошмукач, тој крвоцицач им ја УСИСАЛ крвта. Можело значи да се рече и шмукал, и испил, и исцицал, тоа се наши зборови. Но, политичарот, обземен од гневот, употребува туѓ, српски, збор. Зар не знае дека именката кај нас гласи цицка, а не сиса. А од цицката се цица, а не се сиса. А и тој, односниот политичар е од редот на оние што го бранат македонскиот јазик, што велат дека никој не може да го избрише. Не е потребен никој, никојда ни го бриши јазикот. Нашата гума за бришење е поголема од секоја друга. Тоа го потврдува и една новинарка. Известува од некоја општина, од некое гласачко место. Таму се случил некаков инцидент. Потоа сé се смирило и гласањето продолжило. Новинарката вели: ,,Тоа у ствари било само недоразбирање,,. Не е познато за каков инцидент станувало збор, но зар изјавата на новинарката не е инцидент? ,,У ствари,,. Каде го најде тој израз. Некои велат (новинари) дека кога се работело набрзина, турбо можно биле и грешки. Точно е тоа. Но, ваква грешка не смее да се направи, па да се работи и ,,газ прекуглава,, а не само турбо.

Нарушената синтакса го нагрдува јазикот во голема мера. Еве две реченици изговорени од новинари: ,,Што партиите ветуваат,, и ,,Што државата очекува од граѓаните,,? Не сфатија нашиве ценети новинари дека во прашалните реченици глаголот доаѓа веднаш по прашалното зборче. Не сметаме дека има потреба тоа да го објаснуваме детално. Новинарите треба да го знаат тоа подобро. Нема некоја голема филозофија. Секој човек кој малку размислува за јазикот знае дека тоа е во духот на нашиот јазик: ,,Што ветуваат партите,, и ,,Што очекуваат од граѓаните од државата,,. Така треба. А грешки од овој вид се мошне чести во последно време.

Гледаме повеќе македонски филмови на една наша ТВ. Нормално, грешки многу. Но, ќе одбележиме една несекојдневна. Филмот завршува, шпицата тече, ги читаме сите учесници. На крајот читаме: ,,Останали артисти во филмот,,. Со зборот ,,останати,, се прават редовни грешки. Наместо ,,други,, редовно слушаме ,,останати,,. Во случајов таа грешка е уште поголема – ,,останали,,. Едноставно е тоа – ,,други артисти (актери) во филмот,, а не ,,останали,,.

Го споменавме филмот. Во македонските филмови се прават многу грешки. Но, грешките во преводите не можат да се добројат. Во оние преводи каде ги слушаме нашите актери да го говорат текстот слободно може да се каже дека го слушаме скопскиот говор, а не македонскиот литературен јазик. Ништо не е подобра ситуацијата кога читаме превод. Чудно е зошто е тоа така, а така е.

Следевме вестите на една наша ТВ. Во меѓувреме настанува мал прекин за реклами. Покрај другите реклами гледаме инсерт од филм кој треба да се емитува по вестите. Читаме и превод. Еден актер држи пиштол насочен кон друго лице и вика – ,,Руке у вис,,. Ние читаме превод – ,,Рацете во вис,,. Барем таа команда е толку јасна – ,,Рацете горе,, а не ,,Рацете во вис,,.

Loading