СИРОМАШКИОТ СИН СО КСМЕТ

Еден човек сиромав во Мариово не можел да ги израни децата во селото. Се мислел да оди на друга страна. Ишол, ишол и го стемнило на планина. Завалил оган да ноќува. Имал 3 деца, а жена му тешка.

По пат идел еден трговец. Видел оган и ошол да ноќува. Седнал и извадил леб да јади. Едно дете од сиромајот викнало.

-Тате, тате, сакам леб!

И второто викнало.

-Тате, тате, сакам леб!

И третото рекло.

-Тате, тате, сакам леб!

Трговецот скршил по малку и им дал на децата.

Ноќта тешката жена родила машко дете. Дошле три наречници, самовили, што делат среќа и му зарекле како ќе живеј, како ќе му биди работата и како ќе умре?

Првата сакала да го земат детето! Втората кажала да расти 20 години! А третата му наречела да живеј и да го земи момичето на трговецот. Трговецот чул и неќел зет од сиромав.

-Сиромашен човеку, дај ми го сега детето и на ти пари за него – рекол трговецот.

Сиромајот го дава, а мајка му не го дава. Татко го даде.

Трговецот јавнал коњот и го занесол детето во гората. Се подумал. ,,Да го убијам? Што ќе да убијам?! Ќе го оставам тука. Ќе го најди мечката,,.

Го остајл детето во гората.

Имало еден поп и еден момок кои отишле на лов. На попот жена му била штира. Го нашле дете остајно од трговецот.

Момокот викнал.

-Попе, попе, ево едно машко дете!

-Земи го – кажал попот.

Во куќа го крстиле детето, Најденко.

Трговецот му беше на попот пријател. Тој се вратил по 10 години кај попот.

-Попе, побратиме, нели немаше деца?

-Најдо го.

Му текнало на трговецот и се задумал.    

-Ќе напишам една книга, да отиди твоето дете при нашата куќи да ја занеси.

Тој пишал во книгата: ,,Слушај, Стојане, сине мој, ова дете што ќе ти ја даде книгата, да го убиеш. Ко ќе си дојдам и ќе го закопаме,,.

Трговецот му рекол на детето да не спие по пат и никуму да на ја дава книгата. Ама му се приспало. Легнало и ето го еден дедо. Тој бил Бог.

-Синко, синко, каде одиш?

-Идам, да занесам една книга до едно трговско дете.

-Камо, да ја видим книгата?

Дедото ја зел книгата, ја видел и ја сокинал. Извадил друга книга и пишал на трговско дете: ,,Слушај, синко, Стојане! Ова дете што ќе ти ја даде книга да ги поканиш нункото и попот и двата девера, еден стар и еден мал, и еден старосват да го венчате за нашето момиче!,,.

Му ја даде дедото книга на детето Најдо и тоа продолжило кам трговското дете. Стасал и му ја дал книгата. И тој извршил сета работа што пишуел татко му. То не било од татка му, туку било од Господ. И сиромашкиот син го венчале за трговско момичето, како му го наречеле наречниците. Свадбата ќе ја прават кога ќе си дојди трговецот. Ко се вратил трговецот видел дека детето му се сторило зет. Отишол кај овчарите и им рекол.

-Ќе пратам еден човек да земи брав за свадбата, а вие да го убиете!

Трговецот дома и рекол на жената.

-Бабо, прати го зетот да земи еден брав од кај овците за утре за свадбата.

Бабата не го натера зетот, туку сина си Стојана!

-Бабо, отиде ли Најден кај овците? –  рекол трговецот.

-Дедо, го прати нашето дете Стојана. Неќам да ги пробудам зетот и невестата.

И Стојан го убиле овчарите, како што му рекол трговецот. Го закопале трговскиот син.

Трговецот мислел пак да го убие зетот. Отишол на кафе во стемнато време. Бабата му рекла на зетот.

-Најденко, отиди на филан-кафе да го викниш дедо ти да си дојди.

Таму наслушал кака дедо му му вели на кафеџијата.

-Ќе го натерам зетот на филан-кафе и ќе му речам: ,,Јаз си забораив ќесето со пари, оди, земи го,,. Ти да го застаниш на портата. Ко ќе отвори, тргни со пушката и уби го.

Зетот се вратил надзад. Вечерта трговецот í вели на бабата.

-Речи му на зетот да ојди на филан-кафе. Го заборајв ќесето со пари. Да го земи

Таа му кажала на зетот, а трговецот чекал пушка да згрми. Чекал, чекал – нема ништо!

-Бабо, кажа му на зетот да не оди, оти се премислив. Ќе одам да го видам кафеџијата да не заспал?

Тој ја отворил портата кај кафеџијата, а оттаму згрмела пушка и го отепала трговецот, оти наречниците наречеле трговската стока да остани на сиромашкиот син.

Loading