Живот: Легендарниот Круме Митрикески ги чува фудбалските спомени
-Исечоци од весници сведочат за успешната кариера
Некогаш се форсираше мислењето дека објавите во дневните и неделните весници имаат трајност колку и самиот број – до излегувањето од печат на следното издание, но се покажува дека тоа е далеку од вистината. Можеби во секојдневниот ритам ,,прочитај – фрли,, немаме доволна свесност за значењето, но кога малку ќе се подзавртиме кон она што од сегашност станало минато, заклучуваме: новинарските материјали се како виното, колку постари – толку повредни. Такво богатство од материјали има нашата фудбалска легенда, Круме Митрикески, во својот албум на триесетина страници, кои сведочат за успешната голманска и тренерска кариера.
-Албумов не е мое дело, ами на сопругата Виолета, тогашна моја девојка. Почнувајќи од шеесеттите години ги сечеше прилозите во дневните и неделните весници, ги собираше. Со големо задоволство го правеше тоа. Едноставно, í беше гордост. Додека јас бев преокупиран со обврските кон фудбалот, таа го полнеше албумот – го образложува Митрикески патот од идеја до реализација.
Заедно го разгледуваме албумот. На една фотографија цела екипа на Победа со Митрикески, а назад се гледа преполна трибина со гледачи. На друга слика е Митрикески и неколку играчи во акција пред неговиот гол, од мечот Јединство – Победа во Земун, од есента 1963 година. Од истиот меч има уште една слика каде Митрикески е во обид да спаси гол, а исечокот е од весникот ,,Спорт,, од Белград. Читаме извештаи со наслови ,,Непробојна одбрана,, од весникот ,,Нова Македонија,, и ,,Митрикески јунак утакмице,, од белградски ,,Спорт,,, а во врска со мечот од Втората југословенска лига, Бор – Победа 0:0, од 29 март 1964 година. Победа е на високото 4 место од табелата, Бор на 2 место, значи големо дерби.
-Бор беше една од најдобрите екипи, со прволигашки амбиции,подоцна и со статус прволигаш. Многу шанси имаа домашните, сами излегуваа пред мене. Но, имав добри интервенции и не дозволив да се затресе мрежата на Победа – се сеќава Митрикески.
Гледаме голема фотографија каде на стадионот во Прилеп нема слободно место, како што се вели ни место за игла да се фрли,,. Тоа е прочуениот меч Победа – Динамо Загреб, четвртфинале од Купот на Југославија, од 29 април 1964 година. Двата тима позираат непосредно пред почетокот. Митрикески стои втор во горниот ред, меѓу соиграч и играч на Динамо. Сликата зборува за амбиентот.
-Дека ќе има преполни трибини се навестуваше седум дена претходно, кога се направи еуфорија по нашиот сензацинален триумф од 4:3 над прволигашот Вележ во Мостар. На враќање нé пречекаа навивачи со голема радост и аплаузи. Цел град живееше затој меч со Динамо. Бранев едно полувреме, со цел и колегата Гически да настапи на тој историски меч. Иако загубивме со 0:5, никој од гледачите не негодуваше, ами сите беа задоволни што стигнавме до осумте најдобри во Југославија. Впрочем, загубивме од екипата со југословенски репрезентативци, што подоцна го освои Купот на велесаемските градови – Купот на УЕФА – се навраќа Митрикески на незаборавниот настан.
Вртиме страници. Гледаме наслов ,,Бодот го освои Митрикески,,, па ,,Прво гостување во странство,, кое се однесува на турнејата на Победа воБугарија, низ одигрување на три пријателски меѓународни средби. Забележуваме текстови со карикатури. Тогаш, покрај фотографии, имало и карикатури за фудбалерите. Митрикески вешто е нацртан во две карикатури, во првата како стои со топката в раце, а во втората како се фрла и ја фаќа топката. Наслов што не заинтересира е ,,Дали Победа можеше да биде прва?,,.
-Победа вредеше. Имаше одлична екипа од која се восхитуваа гледачите. Се гледа и на фотографиите, гледачи собрани како рој од пчели. Жално беше што барем една сезона не одигравме во Првата југословенска лига. Особено кога за куп го совладавме Вележ во Мостар, се виде дека заслужуваме највисок ранг – смета голманската легенда.
Има и, условно речено, понови материјали, од 1993 година наваму, за периодот кога Митрикески беше 17 години тренер во Победа и пет години во Младата репрезентација на Македонија. Читаме наслови: ,,Голман и тренер со големи вредности,, од објавен текст во ,,Зенит,,, Митрикески на клупата го заменува Смилески,,, ,,Рутински до бодовите,,, Мајстор за голмани,,,, Создаваме тим за подолг период,,, Тофилоски – голема перспектива,, Има фотографии со голманите што ги тренирал: Николоски, Груевски, Мицевски, Пашовски, Т. Пандев…
-Дваесетмина од нив станаа репрезентативци. Тренирав и девојки, и тие репрезентативки. И ден-денес ми се јавуваат и од странство. Контактите ги имам со Тофилоски, Вртески, Пејиќ, со сите. Србинот Чановиќ кога беше во Грција, редовно при патување навраќаше во мојот дом за да ми остави нешто како благодарност. Тоа е фудбалот и неговата најубава страна – заврши Митрикески.
Низ слики и текстови е претставена една богата кариера, на која не í е означен крајот, бидејќи и во пензионерските години, до неодамна, Митрикески беше тренер во женскиот клуб Деспина. Не е исклучено да се додаде уште некоја страница во албумот.
Браво, Чана!
Секогаш кога ќе ги види сликите со Чановиќ или Томе Пандев, се присетува на најнеобичниот настан. Во Охрид играа Македонија и Србија, а двата голмана беа ,,негови,,.
-Домашниот гол го чува Томе Пандев, гостинскиот Чановиќ. При еден опасен удар на Баже Илијоски, Чановиќ одбрани и јас извикав од клупата: Браво, Чана! Колегата од Стручниот штаб, Костов, пред селекторот Јонуз на шега забележа: За кого навива Митрикески? А јас што да кажам – двајцата голмани беа мои, од Победа