Кај манастирот Трескавец
Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во соработка со Институтот за старословенска култура изведоа превентивна конзервација и реконструкција на откриените содржини од античката населба Колобаиса кај манастирот Трескавец.
– Изведена е само превентивна конзервација на откриените остатоци од југозападното и источното обѕидие на античката населба, позначителни конзерваторски зафати на источниот влез во Колобаиса и на околниот простор. Се реконструира прагот и северниот довратник од потерната. Се реконструираа и други сегменти од конструктивната целина, скалила, внатрешни ѕидови, делови од северниот сегмент на источниот бедем и др. Со превентивните конзерваторски интервенции се создадоа услови за идните сеопфатни финални конзерваторски зафати. Со реконструкцијата се добива туристичка и заштитна функција. Ова е втора етапа во сеопфатните археолошки истраги на комплексот Трескавец. Тоа подразбира продлабочување на културно – хронолошките проучувања, засновани на детални теренски истраги на клучните сегменти од комплексот, и тоа на локалитетите Мала порта, Градина, Гумење и Бунар – вели д-р Бранислав Ристески, советник археолог.
Добиени се сознанија дека хронолошки, најстарата етапа од населбата се поврзува со крајот на 4 до средината на 6 век, означувајќи го неколкукратно зголемувањето на опсегот на раноримската Колобаиса, како и евидентно фортифицирање на населбата.
– Се откријаа делови од градежна керамика, алатки, садова керамика и др. од 4 до 6 век. Втората етапа на просторот, е засведочена со дополнително зацврстување на бедемите и офомување на заокружен дефанзивен систем на античката Колобаиса. Типолошко-хронолошките особености на откриените наоди во интактни културни слоеви определуваат етапа од 6-7 век – додава Ристески.
Со сумирањето на резултатите може да се констатира дека е извршена неопходната прелиминарна конзерваторска заштита на откриените остатоци од градбите и продлабочување на теренските истражувања за археолошките содржини на локалитетот Мала порта.