ВО СРЕДА НА ИЗБОРИ

ivce1Демонстрации, протести, побуни. За разни проблеми – политички, социјални, економски. За сé и сешто. Само за јазикот, за кутриот наш јазик македонски, никој не се буни, никој не протестира за крајно испаколичената употреба. Што се не слушаме на нашиве медиум во предизборното време. Пофалби, покуди, навреди. Препораки да се излезе на гласање.

Еве некои: ,,Излезете на гласање во среда,,. Парола – ,,ВМРО победува во среда,,. Информација – ,,Гласањето ќе се одржи во среда,,. С слушаа овие зборови и слични  реченици. Што значат? ,,Излезете на гласање во среда,, значи дека ни се препорачува да гласаме исклучиво во среда, а не во некој друг ден. ,,ВМРО победува во среда,,! Значи ВМРО не може да победи во друг ден, туку само во среда. ,,,Гласањето ќе се одржи во среда,,! Ете, и тоа значи дека гласање не може да се одржува во друг ден, освен во среда.

Како е можно ова? Каде се лекторите? Дали се клапнати во удобните столови во канцелариите? Зар не слушаат како зборуваат новинарите телевизиите? А и тие, новинарите, зошто не мислат што зборуваат? Предлогот ,,во,, во определени ситуации може и мора да биде во скратена форма – ,,в,,. Кога ,,во,, а кога ,,в,,? Блаже Конески во Граматиката објаснува надолго и нашироко. Ќе цитираме само еден дел: ,,Посебен случај претставува употребата на ,,в,, ,,во,, при имињата од дните во неделата. Тука се работи пак за извесно диференцирање на значењата. Овде се разликуваат три случаи: во средата, в среда и во среда,,. Еве и Конески по некоја случајност го зел како пример денот среда. И еве сега. Првиот случај – ,,Во средата,, означува дека тој ден е минат. Обично при тоа се мисли на првата мината недела – ,,Во средата бере јаболка,,. Значи оваа, најблиската мината среда. Има случаи каде се мисли и на некоја подалечна среда – ,,Во средата пред Митровден врнеше дожд,,. Во двете реченици именката среда е членувана – ,,во средата,,.

Во вториот случај кога стои формата ,,в,, пред нечленуваното име на денот се означува првиот таков ден што иде. Во нашава ситуација значи речениците што ги приведовме погоре треба да гласат: ,,Излезете на гласање в среда,,, ,,ВМРО победува в среда,, и ,,Гласањето ќе се одржи в среда,,. Во сите три случаи се мисли на наредната, најблиската среда. Во скопскиот говор кратката форма ,,в,, речиси и да не постои. Но, тоа не треба да значи дека треба редовно да бидеме бомбардирани со вакви грешки. И тоа многу, премногу често. Да спомнеме на мошне често употребуваниот израз – ,,Тапкање во место,,, наместо ,,Тапкање в место,, (или наместо). Колкупати сме информирани од прогнозерите на времето дека, на пример, – ,,Во четврток ќе врне дожд, а во петок ќе биде сончево,,. И во тие случаи треба да е употребана кратката форма ,,в,, – в четврток и в петок. Се однесува на наредниот четврток и петок, а не за некој си четврток и петок.

Сме биле во ситуација да чуеме едно не баш пријатно обраќање: ,,Доста вие прилепчани со тој јазик. Јазикот е жива материја, тој се развива,,. Многу точна реченица. Така е. Јазикот се развива. И треба да се развива. Но, не да се деградира. А вака на официјални места, на медиуми, не му се помага на јазикот со употреба на разно-разни скопски деформитети. Такви деформитети постојат и во сите локални говори, но некако скопскиот жаргон, преку медиумите, сака да се наметне како норма. Случаиве што ги набројавме, сосема точно го илустрираат тоа. ,,В среда,, значи најблиската идна среда, ,,Во среда,, значи во секоја среда, а ,,Во средата,, значи најблиската мината среда. Зар не е срамно новинарите да не го знаат ова, зар не е уште посрамно лекторите да не интервенираат (ако знаат)? Еве, токму во овој момент слушаме дека извесна спортска екипа во понеделник ќе почне со тренинзи. А во кој понеделник, не знаеме.

Запомнете новинари! Лектори!!!

1. Во среда (во секоја среда)

2. Во средата (најблиската мината среда)

3. В среда (најблиската идна среда)

Loading