БЕРОВСКО ЕЗЕРО – БИСЕР НА МАЛЕШЕВСКИТЕ ПЛАНИНИ

berovsko-ezero-poseta

Малешевските Планини ги краси Беровското Езеро по течението на Брегалница. Меѓу извишените борови и листопадни стебла мирува езерската вода. Питомо се распостила, таинствена, спокојна и кротка пејзажна слика која ги мами сетилата. Недопрената природа сокриена во шумата е магнет, убавина која е рај за очите и душата.

Беровското Езеро или Ратевско Езеро е вештачка акумулација, крај селото Ратево, односно Берово чии имиња ги носи напоредно. Оддалечено е 2 км. Се стигнува по пат кој минува низ густа борова шума. Во источниот дел од Македонија, на височина од 670 – 1050 м., во подножјето на Малешевските Планини е земниот рај. Природата истурила едно чудо благодети, природни убавини од кои застанува здивот. Богатство од борови, дабови и од букови шуми, чиста река, прекрасното езеро, цвеќињата и лековитите билки. Пределот има најголема концентрација на кислород во воздухот на подрачјето на Балканот.

Езерото им овозможува на љубителите на спортскиот риболов услови за рекреација. Изобилува со разновидни риби, меѓу кои пастрмката, крапот, кленот, мрената, карасот… Неколку ресторани приготвуваат вкусна пресна риба која се дегустира од магичниот поглед кон езерото. Празник за очите.

Ако сакате да се освежите во водите, најпогодно време е јули и август. Околината изобилува со прекрасни терени за излет, рекреација и спорт. Изградени се неколку туристички објекти. Има и  пешачки патеки, постои и трансверзална патека која го спојува најјужниот и најсеверениот дел на Малешевијата долга 45 км. и висинска разлика од 730 м. . Претставува предизвик и за најголемите ентузијасти.

Пределот се карактеризира со свежи лета и студени зими. Пријатната клима е идеално засолниште во летните горештини. Околината е богата со диво овошје и билки. Температурите во лето во просек се движат од 23 – 25 степени, а ноќе паѓа до 12 степени.

Berovsko ezero

Беровско сирење од бачило

Малешевијата е познат по најубавото беровско сирење кое мора да проба со пресно печено лепче. После долгите истражувања и прошетки низ природата и чистиот воздух идеално место се бачилата каде освен беровското сирење се приготвуваа вкусна традиционална храна, еко-производи и некој од автентичните малешевски специјалитети.

Свети Архангел Михаил

Во близина е манастирот Св. Архангел Михаил од 1818 г. Поврзан е со интересни приказни. За градбата на црквата, турски валија поставил три услови. Црквата да не биде повисока од патот, да се изгради во одреден рок, а по завршувањето да стане дел од харемот најмладата ќерка на свештеникот. Според раскажувањата ова не се исполнило, бидејќи ќерката на попот побегнала во Ќустендил. Кога по шест-седум месеци комитите го убиле валијата, таа се вратила во Берово и се омажила во најпознатото семејства. Токму од две наследнички од семејството на нејзината постара сестра, 20-тина години подоцна е основано и монашко сестринство кое без прекин, од 1840 година до денес, не згаснало. Во својот најголем подем манастирот броел и до 60 монахињи, но денес живеат само три.

Во првата половина на 19 век во конаците е формирано и првото црковно ќелијно училиште од познатиот преродбеник Јоаким Крчовски. Црквата и широките чардаци и конаци се ѕидани од камен во стилот на автентичната македонска архитектура од 19 век. Македонските резбари оставиле печат на дрвените тавани, на чардаците и на дрвените столбови од отворениот трем на црквата. Таму работи иконописната школа, а сестринството изработува икони во византиски стил .

Loading