СÉ МОЖЕ ДА ИМ СЕ ЗАБРАНИ, САМО ФУДБАЛ – НЕ!

Фудбал: Прилепчани гледаа низ ограда како Победа победува

– Пиле не можеше да прелета и да влезе во стадионот

Golot na Filip Dimoski

Првпат требаше да се игра фудбал без публика, поради пандемијата. На теренот на стадионот кај Могилата истрчаа играчите од второлигашките ривали, Победа и пехчевско Кит-Го. Внатре беа судиите, делегатот, останатите службени лица. И толку. Лицата за безбедност не дозволија ни ,,пиле  да прелета,, и да влезе во стадионот.  Трибините останаа пусти. Но… публика имаше. На прилепчани сé може да им се забрани, само фудбал – не! Гледачите ем ги испочитуваа мерките, ем го изгледаа мечот. Наредени зад оградата, со маски на лицата, навиваа, се радуваа на триумфот на Победа, аплаудираа. 

Тука е феноменот. Рангот непривлечен – второлигашки, амбициите на Победа скромни, засилување ниедно, гостинот неатрактивен, мечот најавен без публика, трибините празни, а сепак има гледачи. Можеби и не е големо изненадување за Прилеп. Затоа што пролетта и летово, додека траеше паузата, секојдневно се разговора и за фудбалот. Цела  недела пред мечот, како некогаш, се копираа листови со распоред за Втората лига – Исток. Поединци најавуваа: ,,Нема шанса да не ја гледам Победа. Оддалеку, низ ограда, со маска, ама ќе ја гледам!,,. Сигурно ова допре до фудбалерите на Победа за да дадат сé од себе и уште во првото полувреме да постигнат четири гола, преку Јошески, .Ф. Димоски, Димитијески и Анѓелески од пенал, за победа од 4:1.

В недела (16,30 ч.) на Могила Победа оди кон вториот триумф, против Росоман, кој во првото коло изненади со победа од 2:1 над Слога Виница.

Женска лига

Мрежите страдаат од Деспина

Две кола беа доволни да се види силата на Деспина. Прво совладана со 9:1 е Плачковица во Радовиш, потоа дома со 14:0 ЖФК Кочани. Противничките мрежи страдаат. Осум гола даде Чубриноска, шест Стојковска, пет Милеска…

Наредниот меч е в среда, со Истатов во Дојран.

Loading