ЛЕЗЕТ

Како што годините ни се додаваат низ долгата патека на животот, така секој човек некогаш и негде, го пронаоѓа својот лезет. А, неговата убавината лежи во тоа што за него не важат општите генерализирани претпоставки на луѓето, за тоа што е или не е направено со лезет.

Едно лажиче кафе, вода до половина ѓезве и шеќер по вкус. Тоа е рецептот во кој секој сака да му види лезет. Кафето со лезет е вообичаено она кое го правиш без брзање, нате-нане. Го носиш филџанот во твоето лезет-местенце и í се сладиш на секоја шумно шмркната голтка. Во друштво или без, секој обожава да ги помине тие лесно одвоени минути на лезет кафе.

Фамилијарните ручеци и вечери се едни од тие собири кои си имаат свој лезет само ако се во друштво. Тука лезетот не лежи во количината на храна, ниту во нејзината вредност. Доволно е само разговорот да течи милозвучно низ насмеаните и преполнети усни со храна. Ако пак, бројот на членови присутни на таквата средба е што поголем, лезетот е загарантиран.

Уличните музичари и нивните мелодии можат да те намамат да застанеш и да уживаш. Но, ако веќе те понесува брзиот начин на живот и времето те гази, не ќе можеш да í видиш лезет на убавата музика. А, ако тоновите и ритамот те пресретнат на твојата попладневна прошетка, тогаш слободно можеш да замижиш и со лезет да ја впиваш секоја нота.

Дури ни најголемите мудреци не можат да издадат определени правила, кои би можеле да ги следиме за да почувствуваме лезет. Секој ужива во различни нешта и само лезетот може да се истакни со таквата шареноликост.

Лезет е турцизам кој потекнува од турскиот збор леззет, што во буквален превод значи вкус. Во македонскиот јазик се употребува со значење пријатност, сладост, уживање и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

Loading