ДИЛЕМА

ivce1Влегувањето на туѓи зборови во друг јазик е нормална појава, би рекле – неминовна. Така е и со нашиот јазик. Но, кај нас тоа се случува доста неконтролирано и стихијно. Не постои некое тело, некоја институција која би препорачала, би сугерирала, дали односниот туѓ збор или израз би влегол таков каков што е, дали можеби треба да се преведе на наш јазик и дали воопшто треба да се позајмува ако имаме наш. Долго време на нашиве телевизии се емитува емисија со наслов – ,,Бекстејџ,,. Буквалниот превод е – ,,Зад сцената,,. Ние веќе имаме создадено израз – ,,Зад кулиси,,. Велиме дека се заткулисни работи некои нешта за кои не се сака да бидат јавно објавени. Зошто и односната емисија да не се вика – ,,Зад кулиси,, но ете ,,Бекстејџ,, звучи поубаво. Постојат и други примери. Зборот ,,бенефит,, – премногу употребуван особено од политичарите. Тоа значи ,,полза, корист,,. Воопшто не е потребен туѓ збор. Изградбата на едикојаси фабрика сите ќе имале бенефит. Поубаво им звучи.

Постојат зборови кои во односната форма во еден јазик значат едно, во друг друго. На пример зборот ,,живот,,. Знаеме што значи кај нас, а во рускиот јазик значи – ,,мев,, (стомак). За да дојдеме до она што ни е главното во овој напис нешто што редовно го слушаме денес ќе приведеме еден претходен пример.

Во наше поодамнешно време сме биле во ситуација да живееме заедно, во иста соба со Виетнамци. Цимери. Пријатни и трудољубиви луѓе. Мошне често си приготвуваа храна во собата, во студентскиот дом. Беше тоа во Бугарија. Готвеа на едно решо со две рингли. Бугарите решото го викаат ,,котлон,,. Кога ќе се спомнеше тој збор (котлон) Виетнамците се поднасмевнуваа, понекогаш и гласно се смееја. Ги прашувавме зошто, но тие некако постојано го одбегнуваа одговорот. Во еден момент бевме сами со мојот најдобар пријател Виетнамец – Чан Хат. Му рековме дека навистина не интересира зошто се смеат кога ќе се изговореше зборот котлон. Ни објасни дека тој збор на виетнамски има извесно вулгарно значење. Кога ќе се изговорело ,,кот лон,, тоа на виетнамски значело  коска од вагина. Во студентската соба се случување да доаѓаат и девојчиња, Виетнамки и да учествуваат во готвењето. Тие сите се ословуваа со брат и сестра. Нам лично не ни паднало в очи, но Чан Хат ни објасни дека кога има девојчиња никој не го употребува бугарскиот термин – ,,котлон,,. Си го викале на својот јазик. Сме заборавиле како се викаше решото на виетнамски.

Рековме, овој увод го правиме за да дојдеме до она вистинското, до она што не интересира сега и ни создава дилеми. Пандемијата со вирусот ,,корона,, диктира поинаков начин на живеење. Тука е проблемот и со школството. Слушаме дека наставата ќе морало да се изведува ,,онлајн,,. ОНЛАЈН! Тоа е англискиот збор што ни го мати умот. Дали треба да се користи токму во таа форма? Дали е можен соодветен превод. Сме слушале да се вели – ,, настава од дистанце,,. Сме слушале – ,,далечинска настава,,. Сме слушале да се вели дека можело и храна да се набавува – онлајн. Можеби ова ќе биде само наше лично размислување. Но, сметаме дека храна ,,онлајн,, буди некаква поинаква непријатна асоцијација. Овој збор според нас е непријатен, невкусен во која било ситуација, но особено за храната, не е баш вкусна запршка.

Рековме штета е што кај нас не постои некаква институција низ чиј филтер треба да поминуваат туѓите зборови, пред да се пуштат во широка употреба. Секој пишува и зборува како што ќе му текне. Не треба да влегуваат туѓи зборови онака, поради некое помодарство. А во најголем број случаи токму тука е причината. Колку повеќе странски зборови, толку културата на повисоко ниво. Така мислат мнозина. Нема сега да објаснуваме, само ќе наброиме некои зборови кои веќе редовно се користат (погрешно) – повеќе алтернативи, врвни приоритети, индустриски капацитети и многу други.

Да се вратиме на зборот ,,онлајн,,. Рековме дека е тоа можеби само личен став, само мислење и вкус на еден човек. Можеби е така. Но ќе повториме. Онлајн настава или особено онлајн набавена храна не ќе ни биде многу вкусна. Недостасува само уште една буква да ни се збурбати.

Дилема! Можеби лична!

Loading