Вртелешките, циркузите, велосипедите, моторите, па и мечките што играат, биле своевидна забава за младите пред шест децении. Околу киното Работнички и кај што е сега споменикот на Ченто се инсталирале високи и мали вртелешки, кои привлекувале млади, но и деца со родители на забава пролетно и летно време. На столчињата се качувале да им се мели умот и да врискаат и девојките и момчињата. Се врзувале за синџирчињата едни со друг се лулале во ритамот во кругот и музиката, се возбудувале до бескрај од синилото што се “движи”. Дотерани како за на корзо, со рубата за шетање и за на свадба, со костими и шизички пантолони, со мини здолништа, местата биле собиралиште да се фрли ишарет на некоја чупа. Се тргале девојките за некој од прамените, се потсвирнувало или се потдопирале и се намигнувало, само да се даде знак за бендисување. Се правеле секакви керефеки, марифети да се освои вниманието и погледот на девојките. Некои тежнееле да измамат погледи и со лижавче или друга “занимација”. Мангупите успевале да “ќарат” погледи, а повлечените останувале со прстот в уста, односно со семките и сончогледот на многубројните семкари.