ВАР ВАРОСАНО „КРЕЧ“ КРЕЧОСАНО

ivce1Со покојниот Благоја Корубин сме имале само една единствена средба. Траеше тоа околу четири до пет часа. Го прашувавме за сé и сешто. За сé што ни е нејасно за јазикот. Одговараше доста љубезно и трпеливо. Го прашавме дали е правилно да се вели ,,спортски преглед,,. Неговиот одговор беше потврден. Вели дека е правилно тоа. Нам ни беше нешто матно и нејасно со придавката ,,спортски,,. Тоа, всушност, е преглед на спортските настани. Не значи и дека емисијата има спортски карактер. Во тоа време беше актуелна некаква болест кај говедата. Говедата беа честа тема во многу ТВ програми. Му велиме на Корубин дали таа емисија би се викала ,,говедски преглед,, кога онаа другата се вели ,,спортски преглед,,. Се разбира, малку на шега, малку навистина. Се насмевна малку и рече: ,,Понекогаш, и глупоста станува норма,,.

Сега мошне често ги слушаме именката ,,кичма,, и придавката ,,останати,,. Да, погрешно употребени, но мошне често. Пред повеќе години еден наш политичар рече: ,,Македонија треба да ја свитка кичмата,,. Предизвика тоа одредени реакции. Повеќето негативни. Сите што реагираа сакаа точно да го цитираат односниот политичар и редовно ја користеа именката ,,кичма,,. И така со години. Кичма, па кичма. Во многу разговори, во многу искажувања, во многу телевизиски емисии, па и во многу написи во печатот, водејќи се од желбата за правилна интерпретација, сите велат ,,кичма,, . Порано, понекогаш ќе го чуевме и правилниот збор ,,рбет,,. Сега речиси и не сме го чуле.

Ја спомнавме и придавката ,,останати,,. Сосема погрешно употребувана. Непотребно преземена од српската придавка ,,остали,,. Кај секој човек, кој барем малку се грижи за јазикот, предизвикува смеа и, уште повеќе, револт. На пример: ,,Во училиштето се запишаа толку и толку основци, останатите останаа незапишани,,. Глупост, зар не?

Во предизборна кампања слушавме сé и сешто. Дури и невкусни работи. Но, тоа нека им служи на честа на тие што ги употребуваат. Ќе наведеме пораки на двајца политичари. Ќе ги споменеме и нивните имиња – Оливер Спасовски и Насер Зибери.

Спасовски вели дека ако победат, ќе се грижат за сите граѓани – Македонците, Албанците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и сите останати. Насер Зибери го вели речиси истото. Ќе биде премиер на Македонците, Албанците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и за сите ДРУГИ.

Еве ја разликата (јазична). Спасовски вели дека ќе се грижат за сите ОСТАНАТИ, а Зибери вели за сите ДРУГИ. Нормално е да се рече за сите ДРУГИ, а не за сите ОСТАНАТИ. Зашто тие никаде не се останати. И, ајде сега! Спасовски е Македонец, а Зибери Албанец. Спасовски, поведен од речиси сите Македонци кои ја прават истата грешка, ја прави и тој.

Именката ,,кичма,, и придавката ,,останати,, се толку многу употребувани што човек ќе помисли дека тоа е норма. Си спомнуваме сега за одговорот од Благоја Корубин дека понекогаш и глупоста станува норма. За среќа, овие два збора уште не се официјална норма. Никаде не се зарегистрирани. А вака, во секојдневнава комуникација се добива впечаток дека е тоа најзатврдена норма. Човек што не го знае македонскиот јазик, ќе си помисли, односно не ќе помисли дека е тоа погрешно.

Реклами! Ужас! Еве една. Имало некоја боја многу квалитетна. Најбела што може да биде. Блескаво бела. Фирмата дава пари да разберат потрошувачите колку е квалитетен тој производ. Пее актерот: ,,Многу љубам да кречам, многу љубам да фарбам, зошто не фарбаш и ти,,. Ќе го загуби квалитетот белата боја ако се пее: ,,Многу љубам да варосувам, многу љубам да бојадисувам, зошто не бојадисуваш и ти,,? Зборот ,,фарба,, наместо (боја) е одамна веќе затврден. Ќе се случи ли тоа и со ,,кречот,,. Ќе заборавиме ли да ,,варосуваме,,? Уште еден доказ и глупоста може да стане норма.

Loading