СНЕГ, ВИУЛИЦИ И – ГОЛОВИ

Историја

Пролетниот дел од прволигашкото фудбалско првенство најрано почна во сезоната 2004/05. На 27 февруари во Прилеп се сретнаа Победа и Беласица. Времето студено со силен ветер. Струмичаните се надеваа дека во лошо време можат да извлечат добар резултат. Прилепчаните обратно – бараа одложување за наредниот ден, понеделникот.

-Делегате, сé е замрзнато. Да играме утре – упорно предлагаа прилепчаните.

-Не доаѓа предвид. Арен си е теренот – не дозволуваа струмичаните.

Делегатот и судиите попуштија пред гостинските притисоци. Мечот почна. Домашните подобро се снајдоа. Уште во 10 минута Н. Здравески даде гол од пенал. И во второто полувреме, гостите никако да се средат. С. Крстев зголеми на 2:0, Н. Здравески на 3:0. Почна снег да врне, виулици.

-Делегате, ова ли е фудбал? Прекинувај! – молеа струмичаните.

-Времево нема маана. Гледајте, какви убави акции – возвратија домашните.

Ништо не се гледаше на теренот кога Емерсон даде гол за 4:0 за Победа. Струмичаните тоа што сами си го бараа пред мечот, на крајот и го добија.

Loading