Покрај луѓето, природата ваја исклучителни дела. Атрактивна карпа налик на слонова глава создадена од две природно споени карпи се наоѓа на археолошкиот комплекс Маркови Кули. Камениот слон што седи, што некои го препознаваат како штрк, висок е околу осум метри, поставен на сопствен карпест постамент во подножјето Кулите. Од слонот, градот се гледа како на дланка.
И познатиот истражувач Роберт Рипли го поставил како мало чудо на природата во енциклопедијата на светски познатите природни реткости.
Просторот под природната карпа не е доволно уреден да претставува туристичка атракција. Марковите кули и населбата Варош со 77 цркви, заедно со природните раритети, се неадекватно покажани богатства, иако се магнет за љубопитни туристи. Комплексот е полн со артефакти од многуслојни милениумски историски периоди. “Таинствениот ковчег” со археолошко и природно благо не е доволно откриен. Уште е скриен и побудува мистериозност погодна за развој на туристичка перспектива. Околината на Слонот е делумно уредена, но е далеку да се претвори во туристичка примамлива локација.
Но, легендите не исчезнуваат, туку се пренесуваат од колено на колено. За старите варошани, околината е чистилиште на злосторства и гревови.
– Луѓе со лоши дела доаѓале во камарите на постаментот секогаш полни со вода на миење на рацете и лицето да ги исчистат гревовите. Најраширено е преданието дека слонот бил ослободување од јаловост. Бездетни жени вртеле околу слонот со свеќи в раце во ноќите меѓу петок и сабота да ги смилуваат вишите сили да им дадат челад. Овој обичај бил осуетен од црковните власти и бил прогласен за пагански – велат варошани.
Некои смеаат дека просторот бил култно место за ритуали. За тоа сведочи издлабена камара од половина квадрат на слонот со видливи остатоци од фрескоживопис. Не се отгатнува светецот на фреската, бидејќи е оштетена.
Се пренесува и преданието на бербер со прекар Богомилецот, кој велел дека околината на слонот била врталиште на богомилите. Затоа, населбата Варош прераснала во христијански центар со повеќе храмови. Богомилецот дури го споменувал и присуството на дедо Богомил на простори околу слонот
Починатиот собирач на народни преданија, Благоја Алексоски во своите книги, пренесува претенциозна легенда која оди до таму што зборува дека Ханибал по освојувањата на Рим ги донел слоновите во Прилеп на поклонение на камениот природен монумент како слон.
Природната скулптура е позната и преку енциклопедијата од светски познатиот истражувач Роберт Рипли, за кого таа е чудо на природата.