Се обидов и до некаде можам да кажам и дека успеав, да замислам пишман, роден човек. Не дека не сум сретнала ниеден, ама позабавно ми беше да ја замислам средбата со еден т.н. пишман, роден човек. А, за да може средбата да се нарече успешна, потребно е да се запознаеме со нашиот соговорник. Човекот беше прелиен со тага, како да беше накиснат во некоја мрачна меланхолија на чие присуство веќе се навикнал. Секојдневието одамна му здосадило, а тој тоа го манифестира со пасивно агресивно однесување. Тоа можеше да се забележи и во начинот на кој зборуваше додека го водевме разговорот. Првата молскавична мисла која ми излета од устата како прашање, беше зошто е пишман што се родил, а и што го натерало да се попишмани. Мора нешто страшно да му се случило, за да посака и никогаш да не се родел.
Нашата средба немаше да биде целосна, ако на неа не се приклучеше уште една интересна личност, вредна за спомнување. Тоа е нашиот пишман аџија (уште една особено популарна фраза). Човекот со себе ја носеше и својата приказна, односно како тоа станал попишманет аџија. Наводно, се работи за чорбаџија кој бил крајно скржав и поради својот скржавштилук многу пати тргнувал на аџилак и на пола пат се враќал назад. Човекот никогаш не отишол на Божјиот гроб, но народот му извадил прекар и тоа пишман аџија.
На мојата замислена средба можеа да í се приклучат уште неколку попишманети луѓе со своите приказни, а мојот замислен разговор можеше да потрае уште, но некако се попишманив. Можеби некој друг пат.
Пишман е архаизам кој потекнува од турскиот збор пиşман, што во превод значи човек што се кае, кој се жали, којс е колеба, се откажува од намерата или се предомислува.
Нина Насеска