ЖОЛТ КАРТОН ОД СЕКРЕТАРОТ!

Историја

Од почетокот на деведесеттите до 2004 година функцијата генерален секретар на Победа ја извршуваше прочуениот фудбалски судија Трајче Маџоски. Иако со свирчето се раздели во 1988 година, прошталниот меч го имаше дури на 10 јули 1996, кога пријателски меѓународен дуел пред 7000 гледачи имаа Победа и белградски Партизан. Ги судеше првите 10 минути. При првиот погруб старт на домашниот центархалф Саша Петровиќ, се одлучи за санкција.

-Саша, дојди ваму!

-Зар мора, господине секретаре? – имаше молба за прогледување ,,низ прсти,,.

-Сега сум судија, не секретар. Еве ти жолт картон – покажа и запиша во нотесот.

По некоја минута Маџоски означи крај на судиската кариера, препуштајќи го местото на штипјанецот Ванчо Коцев. При излегување од теренот прими честитки од сите играчи, тренери и претставници на двата клуба, кои му врачија и подароци. Публиката долго аплаудираше на човекот кој 14 години делеше правда на прволигашките мечеви низ Југославија. Беше и меѓународен судија. На домашната сцена ги судеше најтешките, дерби-мечеви, како Партизан – Хајдук. Од меѓународната се памти мечот од Купот на УЕФА, пред 30 илјади гледачи во Виена, Рапид – Видеотон (2-2) со досудени два пенала, по еден за ривалите.

Инаку, мечот Победа – Партизан заврши 2-2, во полза на двата клуба, најсаканите на Маџоски.

Loading