ТАБИЕТ

Иако немаме цврсти докази, можеме да претпоставиме дека табиетот е непроменлива форма на нечиј лик. Особено оној прилепскиот табиет, за кој чудна е и самата помисла на неговата промена, помала или поголема.

Секој прилепчанец, кога свесно, кога без никакво знаење, поседува парче од познатиот прилепски табиет. Тој сочинува една совршена комбинација од најразличните табиети низ Прилеп кои дозволиле да бидат гравирани, длабени и резбарени, создавајќи едно ремек дело. Итроштината се вбројува како најстара и најпрепознатлива  карактеристика која ја популаризира познатиот Итар Пејо, за потоа да ги постави темелите на прилепскиот табиет. Ретко да сретнеш прилепчанец на кој мајтапот и шегата не му се секојдневие. Можеш да бидеш надитрен, наткажан и надлажан, а нема да почувствуваш ниедно од нив.

Прилепскиот табиет има една особина, колку добра, толку лоша, сепак во суштина творечка, а тоа е создавањето прекари. Тие ја засноваат подлогата на најпознатата јавно достапна карактеристика на еден човек. Без знаење, а најчесто и без дозвола, прилепчани ќе ти зашијат една етикета и ќе си ја носиш за на век.

Неизбежно е да се спомене работливоста во прилепскиот табиет. Прилепчаните отсекогаш имале и волја и физичка сила за макотрпна работа, а за тоа сведочи жолтото злато кое уште се расадува и негува во изобилие. Прилепскиот табиет содржи и неизмерна љубов, проткаена со добрина, инает, гостопримство, дарежливост, па и по некоја пцовка.

Но, со сите свои знајни и не знајни карактеристики, успеал да ја задржи својата автентичност, за секој прилепчанец да може гордо да го покаже својот табиет.

Табиет е турцизам што потекнува од турскиот збор табиат. Во македонскиот јазик се користи со значење на карактер, ќуд, природа, темперамент, нарав и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

Loading