СВИРАЧ НА ТАПАНИ

ivce1Пребарувајќи по програмите на ТВ канали, наидовме на емисија за музиката. Поточно, за госпоѓа која се занимавала со музика. Емисијата веќе била почната и не разбравме за која госпоѓа станува збор. Коментаторот упатува многу пофални зборови. Објаснува дека таа потекнува од музичка фамилија. Вели дека татко í свирел на тапани. Таа реченица ни го сврте вниманието. ,,Свирел на тапани,,. Не може тоа така. Без разлика на тоа што тапанот е музички инструмент, на него не може да се свири. Тој е од редот на ударните инструменти. Може да се каже дека некој свири на клавир, свири на гајда, свири на виолина… На тапан не би се рекло дека некој свири. Глаголот ,,свири,, означува и други звуци произведени на разни начини – свири со уста, свири возот, ветерот свири, на кого му свират цревата за јадење… На тапанот не се свири, туку се чука, се бие. Во последно време редовно слушаме дека тој што чука на тапани го нарекуваат ,,тапанар,,. Точно е. Тапанар е. Но, тој збор понекогаш има и погрдно значење. Се вели така за глупав или несмасен човек. Можеби посоодветен збор е ,,барабанџија,,, но ете ,,тапанарот,, веќе си го зафатил тоа место. Како и да е, тапанот е ударен инструмент и на него се чука (бие), а не може да се свири. ,,Тапан чука на сред село, зурли трештат рум-дум-дум,,. Не ќе да може – ,,Тапан свири на сред село,,.

Контактна емисија на ТВ. Водителката и гостинот. Темата – изборите, изборната кампања, начинот на водење на кампањата и слично. Гостинот има малку критичен однос и за едните и за другите. Вели дека главната цел на сите им била како да се дочепаат до власта. Да се ,,дочепаат,,. Не може кај нас да се случи некој да зборува подолго време, а да не позајми (непотребно) некој туѓ збор. Најчесто од српскиот јазик. Ако се рече дека сите сакаат да ја приграбат власта, тоа е само еден начин како може да се каже за ваквите случаи. Има многу, многу други и поинакви начини, но говорителот се послужува со тој збор.

Квизот ,,Столчиња,,. Доста гледана емисија на српски јазик. Читаме превод на македонски. Беше поставено следново прашање: ,,Како се вика (на српски) билката мелиса,,? Одговорот гласеше дека тоа е ,,матичњак,,. Во преводот читаме ,,мајчина душичка,,. Голема грешка. Латинското име на мајчината душичка гласи тхумус серпѕллум. Тоа нема никаква врска со мелиса која на македонски се вика ,,матичник,, или ,,пчелник,,. Таа билка има мошне пријатна миризба на лимон и ги привлекува пчелите, односно матицата. Затоа  го носи тоа име. Којзнае зошто, сите тревари што се јавуваат на ТВ ја викаат ,,маточина,,. Во некои српски книги така е одбележана и сите го прифаќаат тоа име. Таа е позната билка. Чајот од неа е вкусен и смирува. Двете имиња (пчелник и матичник) се зарегистрирани и во нашите речници. За жал, оние кои ја собираат и ја продаваат ја викаат ,,маточина,,, а на ТВ читаме ,,мајчина душичка,,. Поодамна на ТВ гостин беше човек кој собира лековити билки. Безброј пати го употребуваше зборот ,,маточина,,. Се јавивме во телевизијата да им укажеме на грешката. И треварот и водителката го слушаа нашиот коментар со не баш пријатно расположение. Го игнорираа и продолжија со маточината. Треварот беше од Прилеп. Му се јавивме и дома да му укажеме дека името ,,маточина,, е погрешно. Во Речникот се одбележани двете македонски имиња. Човекот е доста ангажиран околу билките и нивните лековити својства. Не беше расположен да слуша. Бил ангажиран околу правењето на некои лекарства од одредени билки.

Како секогаш. Кај нас не може сé да биде точно.

Loading