СЕ УШТЕ ЧИСТИОТ КОЖУФ

Crkva

Една од 13-те планини во Македонија повисоки од 2000 м. е Кожуф. Се наоѓа во јужниот дел од земјава, долж границата со Грција. Планината е издолжена 30-тина км. Највисоки врвови се Зелен Брег (2165 м) и Дудица (2138 м). Северно е пространата висорамнина Витачево, настаната со натрупување на вулканска пепел со ерупциите на кожуфските вулкани.

Како резултат на бурната вулканска активност бројни се ретките минерали. Разновидност има кај рудникот Алшар, познат во светски рамки по појавите на талиум, на минералот лорандит – еден од најретките минерали во светот. Алшар е кај селото Мајден. Се влегува низ осум отвори во земјата. Два од осумте отвори на јамите се долги 6000 м.Послани се со калдрма, но се многу оштетени. Лорандитот се користи во научни цели за детектирање на ситни честички т.н. неутрони кои доаѓаат од Сонцето и укажуваат што се случува во неговата внатрешност. Затоа е заинтересирана и НАСА.

Од врвовите се протега прекрасен панорамски видик. Кога е ведро и чисто, се гледа Солунско Поле и дел од Солунскиот Залив.

Уникат е карстот кај селото Хума, по Конска Река. Привлекува истражувачи, поради постоењето на типично брдце со периодичен карстен извор. Климата е интересна. Се меша влијанието на Медитеранот од југ и умерено-континенталната од север. Затоа на планинските гребени има нагли временски промени, понекогаш за половина час. Времето може да изненади. Во високите планински делови, зиме навејува големо количество снег, но не се задржува долго. Во лето, климата е пријатна, воздухот чист, свеж и не многу студен, како на ,,воздушна бања,,. Ветровитоста е изразена на планинските сртови.

Кожуф е богат со планински извори кои бликаат со вода и лете. Повеќето се минерални. Изворите се студени. Под врвовите се изворите на повеќе потоци и реки, како што се Дошница, Бошава, Конска Река, Блаштица итн. Дошница е една од најчистите реки, богата со риби. Дел до реките имаа и водопади до 20 м.

Разновиден и богат е растителниот свет со листопадни и иглолисни шуми, па разнобојните планински пасишта и ливади со лековитите билки.

Уникатниот и разновиден релјеф, чистиот воздух, пријатната клима, бројните студени и минерални извори, чистите планински реки, разновидниот растителен и животински свет го поредуваат Кожуф меѓу најубавите планини во Македонија пожелни за посета. Недостасуваат само повеќе сместувачко-угостителски објекти.

Неодамна се доделени 3 локации за истражувања на резерви на злато.

Ех, кожуфчето

Во минатото имало некој овчар со син и со стадо. Снемале леб и детето заминало по леб во селото дома. Мајка му му дала храна и му рекла да го земе и кожуфчето. Не го сакам, рекло момчето, топло е. Арно ама среде пат го фатило многу студено време, а тој повторувал ех, кожуфчето сега каде ми е. Така настанало името на планината Кожуф.

Loading