СИТЕ СО МАСКИ, ОСВЕН РАКОМЕТАРИТЕ НА ТЕРЕН!

Ракомет: Протокол за новото суперлигашко првенство

-Подготовките на Прилеп стартуваат в понеделник

RK Prilep

Не и се гледа крајот на пандемијата. Невидливиот вирус го менува светот и спортот. Според објавен Протокол, пропишани се заштитни мерки за ракометот во државава. Сите тренинзи и натпревари ќе се одвиваат без публика. Од учесниците се бара потпишување изјава дека ќе ги почитуваат мерките. Сите мора да извршат тест за неприсуство на вирусот, да измерат температура, да ги дезинфицираат рацете и нозете, и секој да има своја опрема. Носењето заштитни маски е задолжително за сите, освен за играчите на теренот. Растојанието мора да се одржува. Нема ракувања и гушкања. Мерките се бројни. Дури на 7 страници. Изгледаат логично, оти се став на здравствените експерти.

Од спортски агол се наметнува прашањето дали ќе личи на спорт што го знаевме? Како е можно практично да се почитуваат сите овие мерки? Колкупати ќе се чистат и дезинфицираат салите и секој допрен премет од ракометарите? При превоз се бара да не се организира колективно доаѓање на играчите на тренинг, а секој сам да доаѓа со автомобил. Доколку се користи автобус, седењето треба да е преку две седишта, со носење маски.

-Почнуваме со тренинзи в понеделник. Порано од вообичаено, поради големата пауза и нужноста од уигрување на многутемина нови. Сакавме уште порано, но немавме протокол. Ќе работиме прво надвор, индивидуално, па колективно и в сала. На досегашните ракометари ќе им се приклучат уште неколкумина чии имиња наскоро ќе ги објавиме. Комплет ќе бидеме до 3 август – најавува Горан Кузманоски, тренерот на РК Прилеп.

Досега се запишани голманот Стефан Христоски, бековите Филип Чурлевски и Давор Шокоски, пивотот Сашко Манчески, левото крило Христи Бикоски, десното крило Алија Амзоски, како и Грузиците, голманот Зураб Цинцадзе и десното крило Реваз Чантурија.

Првенството во Суперлигата најверојатно ќе стартува на 12-13 септември.

На турнирот во Струга

Од 12 до 16 август РК Прилеп ќе учествува на турнирот во Струга. Покрај домаќинот РК Струга, ривали ќе бидат Вардар, Металург, Пролет, Бутел (Скопје), Еурофарм Пелистер (Битола) и РК Охрид.

Турнирот ќе се одвива на отворено игралиште.

Loading