ЊЈУЈОРК ГОСТУВАШЕ ВО ПРИЛЕП

Историја

САД во седумдесеттите години инвестираа во фудбалот, купувајќи фудбалски ѕвезди од Јужна Америка и од Европа. Така се формора ФК Њујорк иглс, во чии редови настапуваа прочуените, Бразилецот Еду, Португалецот Еузебио, Југословените Тешан и Шекуларац. Во септември 1978 година, екипата направи турнеја низ Балканот, а во Македонија се сретна со штипска Брегалница и Победа. Во Штип пред рекордни 12 илјади гледачи Њујорк, засилен со Залад, Клинчарски, Сантрач и Џаиќ, победи со 4:2.

Што се случи во Прилеп? Екипата ем ослабена, преполовена, ем  без сила. Некои велат дека во Штип имале прослава до утрото поради завршувањето на кариерата на Шекуларац, па не можеле да прикажат ништо повеќе. Победа тоа го искористи и пред 7000 гледачи победи со неверојатни 11:1! Во 15 минута Еузебио изведе слободен удар и мајсторски го префрли живиот ѕид за 0:1. Потоа излезе од игра. Прилепчаните се налутија и возвратија со 4 гола до одморот, а уште 7 дадоа во второто полувреме. По 3 гола дадоа Магдески и П. Трајкоски, по еден Глигороски, Манески, Л. Петрески, З. Конески и Ѓ. Николовски.

Победа беше во трет југословенски ранг – Републичката лига.

Loading