ЈАЗИКОТ НИ Е НА ПАТЕРИЦИ

ivce1Во контактна емисија на ТВ, извесна гледачка зборува за своите здравствени проблеми. Објаснува дека одела со штаки. Зборот ,,штаки,, нé потсети на неговата честа употреба. Безбројпати сме го слушале во ТВ емисии. Така ги викаат и оние луѓе кои користат такво помагало. Така ги викаат и докторите, особено ортопедите. Во едно поодминато време, малку на шега, малку навистина, прашавме еден лекар зошто вика така, а тој вели – ,,Па, ете така останало,,. Не знаеме од каде останало и ако е така, зошто така останало. Секогаш се знаело, дека тие ортопедски помагала се викаат ,,патерици,,. Во последно време ретко го слушаме тој збор. Останува само вечерта по празникот да се нарекува така. Гостинот кој не можел да дојде на главната празнична вечера, ќе дојде утредента на патерица. Се сеќаваме, одамна, еден дедо имаше ампутирана нога и носеше патерици. Нижеа тутун. И тој, дедото, нижеше. Едно палаво внуче му додеваше. Дедото, малку подналутен вели: ,,Дете ќе те удрам со патерицава,,. Така се вика и се викаше тој предмет. Ама ете, докторот ја вика штака и вели дека така останало. Не е точно дека останало, туку сосила сме го внесле тој збор без никаква потреба.

Судски процес. Се изрекуваат пресудите. Некој задоволен, некој незадоволен. Извесен адвокат, бранител на еден од обвинетите, го искажува своето незадоволство на доста бурен начин. Вели дека во доказниот материјал не можел да види ништо освен хрпа од пари. Зборот ,, хрпа,, го нема во нашиот јазик. И можеме да кажеме дека не  сме слушнале некој да го употребува. Во случајов, адвокатот сака да каже дека видел многу пари, на кои не им се знае бројот. Значи, видел еден куп, едно купиште пари. Така би можело да се нарече тоа неидентификувано мноштво од пари. Но, адвокатот го одбрал туѓиот збор ,,хрпа,,. Можел да употреби и друг збор да го означи небројано количество пари.

Еве една редовна грешка. Слушаме да се вели ,,Малите и средни претпријатија,,. Треба да гласи ,,Малите и средните претпријатија,,. А од она што го слушаме, излегува дека малите претпријатија се истовремено и средни. Овојпат слушнавме од извесен политичар ваква реченица: ,,Зошто не е поднесена претставка до Основното и Вишо обвинителство,,. Основното и Вишото обвинителство се две различни институции. Вака излегува дека Основното е и Вишо. Придавката ,, вишо,, исто така треба да биде маркирана со член. Значи ,,Основното и Вишото обвинителство,,.

Слична грешка. Пак редовна. Се објаснува на ТВ дека некој бил ,,Директор на инфективна клиника,,. Кога би се рекло за некого дека е директор на гимназија, ќе разбереме само тоа што работи односната личност, дека е директор на некоја гимназија, не знаеме на која, ги има повеќе. Инфективната клиника е една и затоа таа именка неопходно е да биде членувана. Таа именка е определена. Значи: ,,Директор на инфективната клиника,,. Така треба да гласи односниот исказ. А ваквите грешки се чести, би рекле, редовни.

Се користи мошне редовно една друга недоследност. Слушаме од презентерката дека недостасувал кадар во здравствените институции во Скопје. Тие биле пополнети со доктори од останатите градови. Кои ли се тие градови и каде се тие останати. Зошто да не се рече од другите градови, како што треба? За оваа грешка не размислува никој, ама баш никој. Секој ден, по којзнае колкупати ги слушаме овие нелогичности. Без да се размислува. Само поради тоа дека Србите велат ,,остали,, и ние – останатите. Ова е влезено во свеста на луѓето, како да е поправилно од правилното. Лектори! Каде сте?

Loading