ПРИВРШУВА ПОСТАВУВАЊЕТО БАЗЈЕ

Фудбал: Градски стадион ,,Гоце Делчев,,

Fudbal

Веќе една недела сезатревнува теренот од Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, со поставување базје. Работите предизвикаа внимание од љубители на фудбалот кои со нетрпение очекуваат да го видат целиот терен во зелена боја. На местото на настанот се појавија повеќе некогашни играчи.

-Се најдоа сили да се направи стадионот. Посетата треба да биде голема. Прилеп беше петти град во ЈУ просторите според бројот на публиката. Градов има богата традиција и сите ќе помогнеме да се врати фудбалот – рече Круме Митрикески.

Глетката кон зелениот тепих го поттикна оптимизмот и кај второлигашот Победа, кој се подготвува веќе деветти ден. По повеќе од четири години  играчите ќе се вратат на теренот, кој е единствениот што може да се нарече свој. Доста беа патувања до Битола, Охрид, Струмица, Штип, Турново, Кичево, доста беше играње на алтернативниот терен на Могила. За секој човек само едно место се вика дом, за секој клуб само еден терен е домашен. Според најавите, Победа првиот меч на Градски ќе го игра во септември.

-Чест е да се слушне комплиментот најфудбалски град во Македонија. Криво ни беше дека немаме стадион. Се надевам дека, за играчите, ова ќе биде, да не речам, 1:0 кога ќе влегуваме на секој натпревар овде. Прилеп е тежок за сите противнички екипи – смета тренерот Дарко Крстески.

Површината што е покриена со базје е со димензии 111х76 метри.

Тестови или потписи?

Одложен е првиот пријателски меч на Победа во Црнобуки, поради препораките за тестирање на фудбалерите за новиот вирус. Се зборува и за алтернативна постапка, приложување на потписи од секој фудбалер. Останува дилемата – тестови или потписи?

Планирани се дуели со Осогово во Крушево, со Кожуф во Гевгелија и други.

Loading