НИЕТ

Во совршеното општество секој би си го кажувал својот ниет. Тоа и не е толку тешка и неизводлива задача, особено за искрените луѓе. Среќа што уште искреноста се смета за доблест. Можеме да кажеме дека сега сме на половина од создавање на совршено општество.

Кога и да слушнеме од некого – ,,Сум со ниет…,, или ,,Бев со ниет…,, веднаш после таквата констатација, од устата на говорникот потекуваат вистинити мисли. Тешко да слушнеш човек да те излажи после изговарање на зборот ниет. Како нешто магично да се крие во ова недоволно ценето зборче. Не можеш да го слушнеш во комбинација со лага или од нечија нечесна уста. Не застанува до што-годе. Толку е влијателно што чиниш дури и ги просветлува зборовите околу него. А ниет е само една добра страна од незабележителната комуникација меѓу луѓето. Кратко ама значајно. Но, краткоста негова се гледа и низ кратките муабети. Најмногу го употребуваме низ брзање, тивко, па дури и со шепот. Не ни размислуваме за неговото значење, а веќе излетал и се вплеткал со другите зборови.

Се случува понекогаш ниет да го кажеме со иронија, па дури и на смешка. Ако направиш нешто со сиот ниет, тогаш си навистина сериозен во својата работа, каква и да е таа. Можеш и да сториш ниет, како и што зајакот сторил ниет да се жени во народната песна. Луѓето од минатото добро го знаеле ниетот, па дури и го овековечиле и во песна.

Ниет е архаизам кој има турско потекло. Произлегува од зборот ниѕет, кој во турскиот јазик има буквално значење намера. Во македонскиот јазик се употребува со повеќе значења (намера, решеност, одлука да се стори нешто) и тоа во својство на именка.

Нина Насеска – средношколец

Loading