Министерството за здравство го подготвува здравствениот систем за справување со коронавирусот при евентуален нов есенски бран на кризата, предлагајќи регионални КОВИД центри каде веќе постојат болници и здравствени домови, меѓу кои е и Прилеп. Станува збор за 16 градови каде може да се аплицира систем на монтажни, односно мобилни болници. Покрај Прилеп предвидени се Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола и Ресен. Градоначалниците изразија подготвеност за изнаоѓањето на локации, ако нема простор во кругот на болниците. Се предлагаат слободните училишта, интернатите, хотелите… за проширување на здравствените капаците, а располагаат со пристапни влезови и излези, лифтови, вода и третирање на отпадот. Јавните комунални претпријатија треба да се погрижат локацијата да се доведе во погодна состојба за да се постави монтажната болница.
Дел од градоначалниците се пожалија од исцрпеност на буџетите што може да предизвика сериозна пречка за превенција и заштита од вирусот.