БОЖЈИ ХРАМ МЕЃУ ПЛАНИНА И ЕЗЕРО

sveti-naum-3

Манастирот Св. Наум на Охридското Езеро е познат со местоположбата и убавината, за која сведочат описите на разните патеписци. Запишани се воодушевувања за прекрасното и живописно катче. Св. Наум е изграден на парче земја меѓу величенствената Галичица и езерото. Таму бујно извира голем извор со кристална вода. Тоа е почетокот на реката Дрим. Има и други извори околу Галичица, но изворот кај Св. Наум е најимпресивен и со својата убавина го пленува човечкото око. Сред изворот растат тропски растенија во засолниште за прекрасни птици. Во заднината на пејсажот се создава илузија дека сте покрај море. Погледот застанува од чемпресите во манастирскиот двор, кои создаваат уште поубава глетка. Со право светските патеписци велат дека ова македонско катче околу Св. Наум е еден од најубавите во Европа.

Иако целата средновековна македонска цивилизација е сврзана со Св. Наум и Св Климент, со ова светилиште во одреден период владеле и странски освојувачи. За време на Балканските војни, по поделбата на Македонија, кратко бил оставен на албанската територија. Потоа бил отстапен на Србите. Денес е каде што отсекогаш припаѓал, во Македонија и на македонскиот народ.

Георги Трајчев во 1933 г., пишувајќи за македонскиот Ерусалим, изнесол непознати детали за манастирот на Свети Наум Охридски Чудотворец, ученик на Кирил и Методи, средновековен научник и писател еден од основоположниците на славјанската и македонска писменост и просвета. Тој забележал: – ,,На една висока тераса, која се издига меѓу Дрим и езерото се исправа манастирот Св. Наум. Зданијата се стрмно надвиснати над брегот на езерото, а од друга страна стојат на малку накосениот брег на Дрим. Св. Наум од најстаро време се слави и почитува по цела Македонија. Еднакво го почитуваат и христијани, Турци и Албанци. Манастирот бил разурнат во конфузните времиња на османското владеење, но црквата никогаш не била сосема разрушена. Грчки натпис над вратата гласи дека во 1711 г. бил направен иконостасот, а во 1806 г. Стефан се зазел за подновување на манастирот. Во 1816 г. бил направен чардак над езерото и било изграден камениот мост на Дрим. Во 1845 г. изгорел еден дел, а во 1870 г. изгорел целиот манастир освен црквата. Порано имало и калуѓери, но подоцна грчките владици ги прогониле за да можат да грабаат послободно од приходите,,.

sv-naum-ohrid-lake

Охриѓани се бореле за преземање на манастирот од Цариградската патријаршија. Битката била голема меѓу Македонците и Гркоманите. Во македонски раце панда во 1870 г. со настојникот, охриѓанецот Андроник Зарчев.  Но, грчкиот владика го присвоил помогнат од турските власти. Потоа, охриѓани се подготвувале пак да го преземат, но ги спречила руско-турската војна. Охриѓани веќе не можеле да водат војна и манастирот останал под грчка управува.

Населението имало почит кон манастирот. Се негувало и манастирчето кај Заум крај езерото, оддалечено еден саат. Таму храмот е до водата, на скалестиот брег. Посветена на Св. Богородица Захумска. Изградена е во 1361 г. Животописот е стар, но оштетен од Турци и Арнаути.

Св. Наум бил поштеден од разурнувања поради големата почит на Турците и Албанците. И тие таму се молеле за исцелување на душевно болните неверници. Така се спасил манастирот.

Манастирот бил богат. Поседувал многу стада овци и три села Љубаништа, Пештани и Стење. Постоеле многу амбари. Собите биле сали, градени од разни градови и села. Имало битолска, струшка, охридска, ресенска соба…, со приемна сала и соба за игуменот.

Во средината на дворот е поголемата стара црква со две кубиња. Ѕидовите се покриени со животопис од 1711 г. Насликан е ктиторот, цар Михаил (Борис) и Св. Антониј Печерски, православен руски светец, основач на монаштвото во Русија. Насликани се Св. Седмочесленици, Кирил, Методиј, Сава, Ангелариј, Горазд, Климент во архиерејска облека и Св. Наум во монашка облека. Настрана е гробот на Св. Наум со надгробна плоча од сив мермер, сличен на Св. Климентовиот, но без натпис. Душевно болните Турци, Албанци и христијани доаѓаат да лежат околу гробот со надеж за нивно излекување. Има и надгробна плоча, легната над остатоците на некој цар. Нема било какви славјански книги и споменици. Тоа зборува за вандализмот на грчките свештеници, кои ја цицале народната пот и ги скврнавеле македонските светилишта.

Се смета дека од 893 до 900 година Наум го изградил  на брегот на езерото манастирот Св. Арангел, каде се повлекол и ги минал последните 10 години од животот. Наумовата црква била потполно разурната, околу 16 век, на темели била подигната сегашната црква. Гробницата на Наум е посебна зграда. Иконостасот во Св. Наум е зографисан во 1711 г. Меѓу другите икони се забележуваат и тие на Св. Климент и на Св. Наум. Климент благословува со десната рака, а во левата рака држи книга. Св. Наум е насликан како ктитор со храм во раката.

EKmr3RxWkAEtj5s

Манастирот се вика Св. Наум, оти таму е гробот на тој светител. Во суштина, црквата е посветена на ,,Чиноначалникот Михаил Арахангел и на сите небесни сили,,. Сведоци се двете славјански Наумови житија. Откако го изградил манастирот и ја изградил црквата Св. Наум од благодарност за добиената материјална помош, ја посветил црквата на името на неговиот христијански патрон.

Стариот живопис не ги преживеал вековите. Црквата наново била  живописана во 19 век, споиред натписот на влезната врата (1806).  Обновувањето не ги засегнало содржината на старите фрески. Над влезната врата има натпис на грчки јазик: ,,Се наслика овој честен храм на преподобниот и Богоносен отец наш чудотворец Наум, по желбата и надзор на всепребодобниот катигумен господин Стефан,,.

За градбата на манастирот сведочат славјанските житиа на светецот. Манастирот имал болница за лудите од блиски и далечни земји. Таа е една дупка во црковниот ѕид, 4 аршини долга и 3 широка, без прозорец, а внатре нечиста. Болните се врзувале со синџири и од време на време им се давало по малку леб и вода.

До црквата св. Наум, Србите ја изградиле црква на Св. Јован Владимир. Околу дворот се издигаат големи нови зданија. На западната страна, на најживописното место над езерото, се возвишува кралски дворец.       

Loading