ПОБЕДА ТРЕНИРА

Фудбал: Прва прозивка на второлигашот по четири месеци

Има нови во списокот на Дарко Крстески

Pobeda

Никој не може да каже кога ќе дојде крајот на маките со пандемијата. Со фудбал, има надеж дека животот полека се враќа каков што го знаеме. По прозивката екипата на второлигашот Победа тренира од средата по најдолгата пауза од четири месеци, Пред тренерот Дарко Крстески, кој ќе има помош од Филип Мирчески, Сребре Стефаноски и Дејан Кебакоски, беа 22 играчи. Охрабрени од настојувањата за решавање на финансискиот проблем на клубот, го одработија првиот тренинг на Игралиштето со вештачка трева. Од вчера се користи теренот на Могила.

-Времево не гази и почнеме. Ви пожелувам многу здравје и памет. За она што се случува, разни разговори надвор – не ме интересира, туку само вие, соблекувалната и теренот. Да бидеме како еден, да размислуваме и да гледаме така. Велат слаби сме со финансии, но амбициите секогаш биле високи. Мораме да постигнеме некој резултат – рече Дарко Крстески.

Во клупскиот список на играчи се Котевски, Столески, Колевски, Дамевски, Јошески, Д. Наумоски, Карапеев, Каралиоски, Дебрешлиоски, Дунимаглоски, Димитријески, Ангелески, Петкоски, Гешоски, Петроски, Стомнароски, Цветаноски, Мицески, Белески, Царулески, Макешоски, Ликоски. Најискусни се играчите коишто кариерите ги почнаа кон крајот на 20 век, бекот Благојче Дамевски и напаѓачот Благоја Гешоски. До нив е бекот Валентин Колевски и за врска Столе Дунимаглоски. Како повратник се смета за врска Филип Стомнароски, кој доаѓа од Обршани. Приклучени се и неколку младинци кои добиваат шанса за пробив во првиот тим.

-Претежно сте млад играчки кадар. И тие што играат некаде, заминале одовде. Да ве побара некој, мора да се покаже. Со залагање и дисциплина се напредува – порача Крстески.

Фудбалерите работат според препораки во услови на пандемија. Држат меѓусебно растојание, имаат по две опреми што дома ги перат, се тушираат поединечно, секој има посебно шише за вода итн. Има препораки за првенствени и за пријателски мечеви. Првиот пријателски меч е на 19 јули во Црнобуки.

Теренот готов до 15 септември

Во средата привршуваа работите околу системот за наводнување на теренот од Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,,. Се очекува редење на најквалитетно базје, трева низ целиот терен..

-Информирани сме дека стадионот ќе биде на располагање од 15 септември.  Тоа за нас многу значи. Љубителите на фудбалот ќе сакаат да го видат и стадионот и екипата. Подруго е со поддршка од нашата публика – рече Миле Спиркоски од УО на Победа.

Loading