КАТЛАНОВСКА БАЊА – ИЗВОР НА МЛАДОСТА

1280px-Катлановска бања 1

Ако постои чудо во Македонија, тоа е катлановскиот ,,извор на младоста,,. Сместен сред куса и мошне живописна клисура, овој заштитен споменик на природата и еден од најпознатите македонски спа-центри, се наоѓа крај реката Пчиња, на Бањскиот рид над селото Катланово, на 230 м.н.в. оддалечен 25 км. од Скопје. Поврзана е со современа сообраќајница. Тука допираат медитеранската клима од југ и умерено континенталната од север.

Отворената пукнатина од неотектонско потекло, со должина од 350 м. и широчина до 30 см, претставува реткост не само за Балканот, туку и во Европа. Понекогаш и во млазеви, клокотела и течела ладна и топла вода. Во лековитите терми или бањски води на отворено уживале уште од 340 година старите Римјани, потоа Византијците, па турските великодостојници, за што сведочат ниските столови во кружна форма, издлабени во карпите.

-Мост преку Пчиња кај Катлановска бања

Бројни се изворите од кои избива пареа и термоминерална вода богата со натриум, калциум, хлор, сулфати и хидрокарбонати. Изворот достигнува температура до 64 степени. Таа има исцелувачка моќ и успешно лечи ревматизам, артритис и многу хронични кожни, невролошки, женски, ортопедски и болести на дишните органи.

,,Катланово е котелот каде сонцето се раѓа. Ако нешто може да ме излечи, тогаш тоа е меѓу сонцето и водата,,. Ова се зборови на славниот император Јустинијан Први (483-565). Тој бил роден во Таурисиум каде изградил тврдина, а неговата мајка во Бадеријана. И денес овие села во катлановско ги имаат речиси истите имиња, Таор и Бадар.

Првиот хотел бил изграден дури во 1934 година.  Во Катлановска бања денес постојат три хотела и неколку одморалишта со капацитет од 450 легла. Годишно престојуваат околу 10.000 посетители. Капацитетите се обновени и се претворени во современ и квалитетно опремен бањски центар.

katlanovska-banjski-centar

Спојот на природните убавини збогатени со уметничките вредности се надградува во хармонија на природата и делото на човекот. Катлановската бања, која ја дели мост од селото Градманци, е туристичка атракција со богатството на автохтониот растителен и животински свет. Во просторот се вклучува и Катлановското блато, прекрасните видици, патеки за прошетка, спортскиот риболов, изворната архитектура, црквите, мноштвото чешми, но и фолклорот и културните манифестации. Испреплетеноста на културното и духовното задоволство овозможуваат совршено доживување.

СПОМЕН СО АРАПСКО ПИСМО

,,Спомен за благодатите што ги дава оваа топла вода. Нека биде непресушна за светот што се развива и гради. Пред нас е убав и чист вруток. Нека повелат гостите да се измијат (1317-1898 г.),,. Со овие зборови, напишани на арапски и врежани во стара камена плоча, скопскиот валија Хаф’з Мухамед Паша ги пречекувал гостите во Катлановска бања, односно, денешната Специјална болница за физикална медицина и специјализирана медицинска рехабилитација.

Katlanovska banja 2

Loading