ФИЗИЧКАТА ДИСТАНЦА ПРИОРИТЕТ ЗА УМЕТНИЦИТЕ

Стартуваше уметничко лето ЦСЛУ – 2020

1

Под мотото ,,Physical distance,, почна традиционалното уметничко лето ЦСЛУ 2020, кое годинава ќе трае 60 дена. Пораката е јасна дека социјалната дистанца е неприфатлива, но физичката ќе ја почитуваат за доброто на сите и се водат по новите правила за сигурен тек на животот во време на корона вирусот.

Уметничкото лето има форма на ликовни работилници на кои учествуваат 12 уметници од Прилеп и другите градови. Нема интернационални учесници за да не се отворат проблеми и неочекувани дополнителни трошоци поврзани со корона пандемијата.

На Интернационалната сликарска колонија творат Мирослав Величковски – Мире и Дејан Божиновски – Коска од Куманово, и прилепските уметници Наде Тоскоска, Драган Михајлоски – Пижа, Елена Димоска, Маја Најдоска, Ферди Булут и битолчанката Сандра Котевска.

На Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер дела креираат Александар Наумоски од Скопје со прилепско потекло и нашиот сограѓанин Филип Перески.

На Интернационалното студио за пластика во дрво учествуваат Владимир Симоновски од Битола, а на Интернационалното атеље за скулптура во метал Марјан Стојаноски. Годинава на Интернационалното атеље за дигитална уметност творат Марија Стојаноска – Петкоска, Џоѓкун Алиевски од Скопје и нашиот уметник Дарко Талески.

Уметницата Елена Димоска првпат учествува на уметничкото лето. И претставува задоволство што е дел од реномираната сликарска колонија.

-Имаме можност 60 дена да твориме, со дистанца, и тука и дома. Имаме плодна почва годинава со дистанцирањето и мислам дека тоа ќе ми биде и инспирацијата – вели Димоска.

2Уметникот Ферди Булут трет пат е дел од ликовната колонијата.

-Годинава е предизвик поради дистанцата. Ќе имаме повеќе време да ги создадеме делата. Инспирација ми се женските актови и претставувањето на женската фигура. Тоа ќе биде и мотив на колонијата – вели Булут.

Скулпторот Александар Наумоски по 20 години повторно учествува во скулпторскиот симпозиум во мермер.

 -Благодарам за поканата да бидам дел од симпозимот во мермер, кој мене ми значи сé. Тука го научив каменот, техниките, сите занаетски трикови.  Убаво е повторното враќање. Темата е прилагодена со она што сме затекнати – заробеништвото во некаква немоќ, каде се трудиме да турнеме, животот да продолжи во нормала, ама реалноста сé ни менува –  посочува Наумоски.

Периодот за творење и престој во просториите во ЦСЛУ е зголемен на 60 дена полесно да се организираат и да се почитуваат протоколите, физичката дистанца како и заштитата од КОВИД-19. На учесниците од другите градови им  е доставен материјал и алат и тие ќе работат од дома.

Сé она што ќе се случува додека уметниците творат ќе биде презентирано на нивниот интернет простор, во форма на видеа и фотографии.

Според Јана Јанеска Ристески, уметноста и културата во вакви времиња трпат големи загуби, но кај нас години наназад ликовната уметност се соочува со проблеми за опстанок. Појавата на вонредната состојба предизвикана од вирусот КОВИД-19, доколку не се менаџира добро, може да предизвика трајни и големи последици, посебно во независната културна сцена.

– Прилагодувањето е важно за да се одржи континуитет и да се подобрат условите, посебно кај ликовните уметници. Уметноста остава белег и нé презентира пред идните генерации – вели Јанеска Ристески.

На крајот на уметничкото лето ќе се реализира и годишната изложба со презентација на создадените уметнички дела. Најверојатно, и таа ќе биде достапна на интернет како он-лајн изложба, а за посетителите во објектот ќе има обезбедено заштитна опрема и дезинфекциски средства кои ќе се користат заради почитување на протоколите.

ЦСЛУ дефинира нови ликовни трендови

Со формирањето на првата Интернационална сликарска колонија (една од најстарите во Југо-Источна Европа), од 1957 година, сé до денес, ЦСЛУ негува континуирано ликовно творештво кое низ годините го промовира преку нови интернационални ликовни работилници.

ЦСЛУ го поттикнува новиот ликовен израз и дефинира нови трендови во уметноста.

Во  63 годишното постоење ЦСЛУ преку овие работилници создаде повеќе од 1200 различни уметнички дела на уметници од повеќе од 50 држави од светот.

Loading