ДЕСПИНА ЗЕДЕ ФУДБАЛЕРКА СО ИСКУСТВО ОД СИЛНАТА СРПСКА ЛИГА

Dragana KostovaФудбал: Дојде репрезентативката Костова

Чекор по чекор – женскиот фудбалски клуб Деспина се стреми кон врвот. Ако во првата сезона во Првата женска фудбалска лига беше пласманот во горниот дел од табелата, а вторава, недовршена, на третото место, за наредната изгледа дојдено е времето за атак кон врвот. Амбицијата се наѕира со првото засилување кое е доведено, кавадарчанката Драгана Костова, играч за одбраната и средниот ред. Доаѓа од актуелниот шампион, скопски Драгон со кого има четири титули, со верба дека се преселува во идниот шампион.

-Деспина е клуб со одлични играчи и управа. Затоа решив да дојдам, иако имав понуди од странство. Се надевам дека повредите ќе минат за да одработиме добри подготовки. Очекувам да се бориме за титулата – вели Костова.

Репрезентацијата на Македонија не се замислува без неа. Настапувала за Тиквешанка (Кавадарци), Победа (Прилеп), Наше такси, Драгон (Скопје), како и во силната Српска лига. Искуството е и од екипите Триумф (Крагујевац) и Јагодина.

-Играв две години во Јагодина. Таму доста напредував. Потоа преминав во Драгон – потсетува Костова.

Веста за преминот на Драгана Костова во Деспина ја пренесоа и странски медиуми.

Loading