ЧЕСТ, А НЕ ЧАСТ

ivce1Се прават помали и поголеми грешки. Големината на грешката се мери и по тоа кој ја направил. Обичните граѓани може да направат грешка, но може и да им се прости. Грешките се големи и непростливи кога ги прават луѓе кои се должни да го знаат беспрекорно стандардниот јазик. Не смее новинар, уредник на национална ТВ да прави грешки какви што ги слушаме. Ќе го споменеме и неговото име – Младен Чадиковски, главен уредник на ТВ 24. Зборува нешто во врска со евентуалните избори. Дали ќе ги имало или не. Вели: ,,Дали е ова само предизборно частење на медиумите,,? ЧАСТЕЊЕ! Зар ова не е срамота?! Зар тој долгогодишен новинар не знае дека македонската именката гласи – ,,чест,, а не ,,част,,?  Оттука произлегува и глаголската именка ,,честење,, а не ,,частење,,. Ова го слушаме во централни вести. Тука текстот е неопходно да биде лекториран, а и да не е. Тој треба да го знае тоа. Понатаму, ни објаснува за тоа дека партиите се препукувале. Редовна грешка. Зборот ,,препукување,, не значи ништо. Тоа е само буквален и непотребен превод од српското ,,препуцавање,,. Сме биле ,,почастени,, од него и другпат. Се сеќаваме иако беше малку поодамна. Тогашната влада донесла некое решение што нему не му се допаднало. Можеби и имал право, но револтот го искажа на следниов начин: ,,Да се направи такво нешто, тоа е ван памети,,. Навистина не прилега таков човек да прави такви грешки.

Еден негов колега од Прилеп, дописник на телевизија ,,Телма,, ни соопшти пред некое време дека ќе се олабавеле мерките во врска со вирусот ,,корона,,. Вели дека ќе почнеле да работат ,,ресторантите,, и ,,кафичите,,. РЕСТОРАНТИТЕ! Ретко некој да ги вика така односните угостителски објекти. Долгогодишен новинар! Чудно е тој да прави ваква грешка. Зборот има француско потекло. На француски се пишува – Restaurant. Во македонскиот јазик е влезен одамна и е во мошне честа употреба. Нормиран е со формата – РЕСТОРАН, а не РЕСТОРАНТ. Множинската форма е ресторани, не ресторанти. За именката ,,кафичи,, не треба да се коментира. Треба само да се изрази големо, многу големо чудење. Долгогодишен новинар, дописник на национална ТВ.

Ќе се уредувал просторот околу манастирот Водоча во струмичко. Градоначалникот објасни дека биле обезбедени финансиски средства. Ќе се зголемел бројот на туристите. Сето тоа е убаво. Но, има нешто што е редовна појава, а тоа се јазичните грешки. Новинарката зборува, објаснува и долу, на кајронот читаме текст. Од она што го зборува новинарката, а и од она што го читаме, истата грешка. Просторот околу манастирот ќе се уредувал и ќе се оплеменувал. Придавката ,,племенит,,, глаголската именка ,,оплеменување,, и глаголот ,,оплеменува,, ги нема во нашиот јазик. Кај нас именката е ,,благородник,,, придавката ,,благороден,, а глаголската именка гласи ,,облагородување,,. Новинарите се должни да го знаат тоа.

Еве еден помалку чуден, необичен случај. Позната пејачка се појавува на екранот. Коментира нешто, ја најавува својата песна, одамна испеана и позната. Пејачката вели: ,,Сега ќе чуете една убитачна песна,,. УБИТАЧНА! Прво не зачуди што сака да каже, но се присетивме. Ќе ја пеела песната во која доминира ,,гром да те убие,,. Добро, таа нека си пее а други нека ја оценуваат песната. И мелодијата и содржината. Нам ни падна в очи зборот, придавка – ,,убитачна,,. Каде го најде, каде го измисли! Ние немаме глагол ,,убити,,. Кај нас глаголот е ,,убива,, придавката гласи ,,убиствен,, а не ,,убитачен,,. Си пее пејачката. Можеби има причина за таква клетва  – ,,гром да те убие,,.

Благоја Ивчески

Loading