ПОГРЕШНА НОРМА

ivce1Има некои зборови, па и изрази, кои толку често и редовно се употребуваат и веќе стануваат норма иако значењето им е поинакво. Погрешна им е употребата. Ги слушаме буквално од сите. Ќе приведеме неколку примери.

Излегува водителка на една од нашиве телевизии и вели: ,,Драги гледачи, најпрво ви посакувам многу среќа,,. Редовно го слушаме овај израз. Ако размислиме малку, ќе заклучиме дека водителката посакува од гледачите среќа. Човек може да посака од некого многу нешта. Може да посака пари на заем. Во овој случај водителката посакува среќа од гледачите. Но, целта не и е таква. Таа сака гледачите да добијат среќа. Во таков случај треба да се рече: ,,Драги гледачи, ви пожелувам многу среќа,,. Зошто глаголот ,,пожелувам,, е сосема отфрлен од нашиот речник? Па, токму тој треба да се употреби во ваквите случаи. За глаголот ,,посакува,, сме се изјаснувале и порано, за неговите поинакви значења, но во ваквите случаи погрешно е употребуван. Значи, ви ПОЖЕЛУВАМ, а не ви ПОСАКУВАМ.

Еве друг, редовен пример, кога се употребува збор со поинакво знање. Ќе го земеме примерот со извесен поранешен министер. Ќе се воведувал редовен превоз од аеродромот до центарот на Скопје. Уште не било сигурно колкупати на ден и со што ќе се врши тој превоз. Министерот вели: ..Имаме повеќе алтернативе,,. Редовна грешка. Од сите. Редовно ја слушаме, а никој не помислува дека тоа е сосема погрешно. Алтернатива може да има само една и никако повеќе. Луѓето кои го употребуваат зборот ,,алтернативе,, го поистоветуваат со можности, варијанти, начини и слично. За превозот од аеродромот до центарот на Скопје може да постојат повеќе можности, повеќе начини, повеќе варијанти, а никако не – повеќе алтернативи.

Речиси да не постои телевизиска емисија, а да не го чуеме зборот ,,капацитет,,. Слушаме дека се градат хотелски капацитети, дека индустриски капацитети се градат. Ниту хотелите, ниту фабриките не претставуваат капацитети. Хотелите се хотели или угостителски објекти, а тие имаат свој капацитет. Фабриките исто така. Тие се индустриски објекти, тие се фабрики, а не капацитети. Тие ,исто како хотелите, имаат свој капацитет, а не се капацитет самите тие. Накусо, капацитет е максималниот износ, максималната вредност, максималниот број и така натаму.

Една од најголемите грешки од овој вид е погрешната употреба на зборот, именката ,,република,, и придавката ,,републички,,. Уште не се сфати дека зборот ,,република,, го означува општествено – политичкото уредување на земјата. Уште слушаме да се вели ,,Претседателот на републиката,,. Уште слушаме и читаме ,,Републички завод за статистика,,. И на многу други места ја среќаваме погрешно употребената придавка ,,републички,, и погрешно употребената именка ,,република,,. Претседателот е претседател на државата, а не на републиката. Заводот за статистика е Државен завод, а не републички. Друга беше ситуацијата за време на Југославија. Сега Македонија е независна суверена држава.

Како што рековме погоре, сме се изјаснувале за овие зборови, за нивното значење и порано. Сега немаме намера да детализираме повторно. Сакаме да ја искажеме својата загриженост за тоа што овие недоследности се мошне чести. Редовното употребување со вакво значење како да станува норма. Ги слушаме од сите страни. Редовно ги слушаме од телевизиските презентери, новинари, репортери. Тука е неопходна интервенција на лекторите, а нив ги нема. Не смее да се дозволи грешките да стануваат норма.

Loading