МАГИЈАТА НА НЕДОПРЕНОТО МАРИОВО

crna-reka

По пат одам за пат прашам кој пат оди за Мариово’ е стара македонска народна песна во која е опено  живописното Мариово, селото Дуње и убавата Чучук Митра.

Кој ќе знаеше за Мариово ако Стале Попов не извади на виделина еден народен живот со впечатлив народен говор, слушнат единствено во прозното народно творештво. Колкумина ќе знаеа за Мариово, ако не беа народните песни, преданија и легенди.

image00002-10

Кој ќе се сетеше дека некаде постои простор на кој живеат една рака луѓе, ако не му текнеше на Милчо Манчевски да снима филм на просторот на Мариово во селото Штавица.

Сепак, бидна само филм, а во Мариово, ,,И по дождот,,, остана со прашината која се крена дека овој крај ќе стане светско туристичка атракција. Мариово пак е недопрено, непосетено, запустено, оставено само на себе. На мариовците им останаа единствено итроштината и мудроста која можеби ја наследиле од Итар Пејо, та катаден ги користат да опстојат, преживеат и му се радуваат на животот во магичен затворен круг, вртејќи ја староста, сиромаштијата и непреболот по некогашното. Мариово е ,,игра,, оставена пуста без детски џагор, без младеж, средселски игранки, свадби и крешетвки, туку само со умирачки. Веќе нема ниту ергени по селата да седат пред коперацијата и пците да им прават друштво со пивото и кикирики во лушпа. Саде стари изнемоштени, подизлегуваат од трошните куќи од камен покриени со камени плочи. Пробиструваат политика, колку што ја разбрале од радиото, оти нема ТВ програми, освен МТВ. За нив интернетот е фантазија, а весници и списанија не добиваат, освен ако им донесе некој, па да им се најде за завитукување. Се потсмејуваат на сопствената судбина, оти челатта заминала без да се заврти назад. Ќе имаше и моми и момци ако државната некогашна политика не го испусти овој крај полн со природни дарови, со мариовското јагне, тепаното сирење… Остана неизградена акумулацијата Чебрен во близина на архаичната ретко зачувана архитектура. Да, и  фрескоживописите во црквите.

image00021-7

Мариово е специфично, автентично, единствено, посебно по конфигурација преполна со разновидни карпести форми и редок бел бор. Просторот има природен и цивилизациски дух. Со својата моќ за комбинирање, колоритност и креација, природните убавини на овој простор му даваат белег и димензија. Комплексниот дух на просторот зрачи и предизвикува фасцинации од Црна река до Железна порта. Незаслужено Мариово е далеку од очите на љубителите на природата, височините и автентичните македонски села.

zovik-mariovo-88

Loading