УМЕТНИЧКО ЛЕТО ПОД МОТОТО „PHYSICAL DISTANCE“

ЦСЛУ 2020

cslu slika

Уметничкото лето што го организира Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп (ЦСЛУ) годинава ќе ги отвори вратите за уметниците од 1 јули. Клучот ќе биде ставен на 1 септември. Точно 60 дена под мотото ,,Physical distance,, ќе се испрати јасна порака дека социјалната дистанца е неприфатлива, но физичката да се почитува за доброто на сите за сигурен тек на животот.

-Уметничкото лето ќе се реализира во форма на ликовни работилници со 12 уметници од Прилеп и другите градови. Ќе се избегнат интернационалните учесници за да не се отворат проблеми и неочекувани дополнителни трошоци кои можат да бидат предизвикани од состојба што на глобално ниво ја предизвикува постоењето на вирусот КОВИД-19. Учесниците ќе творат во просториите на ЦСЛУ 60 дена. Периодот е зголемен полесно да се организираат учесниците и да се почитуваат протоколите, физичката дистанца како заштита. Учесниците ќе се дружат и ќе создаваат дела кои ќе останат како производ од  проектот. За да се избегне зголемениот ризик од хотелско сместување и групното дружење, на учесниците од другите градови ќе им биде доставен материјал и алат за работа и тие ќе работат од дома. Сите учесници ќе бидат презентирани на интернет просторот во текот на целиот период на творештво, преку кратки видеа и фотографии – велат од ЦСЛУ.

Се одржува континуитетот со почитување на потребите на уметниците и овозможување на простор за работа и непречена креација. Крајниот производ ќе го подарат на љубителите на уметноста.

-Големи загуби трпат уметноста и културата во вакви времиња. Но, во земјава години ликовната уметност се соочува со проблеми за опстанок. За да не се предизвикаат трајни и големи последици во независната културна сцена, нужно е менаџирање во вонредна состојба. Прилагодувањето е повеќе од важно за да одржи континуитет и да се подобрат условите кај ликовните уметници. Како и да е, нужно е одржување и мотивирање на уметничкиот порив за да се одбележи времето на живеење. На крајот, уметноста остава белег и презентација за идните генерации – вели Јана Јанеска Ристески од ЦСЛУ.

Нема да сее изостави годишната изложба во галеријата на ЦСЛУ. Ќе се презентираат уметничките дела создадени за време на овој проект, без официјално отворање. Делата ќе бидат достапни на интернет како он лајн изложба. За посетителите во галеријата ќе бидат обезбедени заштитна опрема и дезинфекциски средства, се разбира со почитување на протоколите за физичко растојание.

Од 1957 година со формирањето на првата Интернационална сликарска колонија (една од најстарите во југоисточна Европа), па сé до денес одржано е континуираното ликовно творештво кое ЦСЛУ успешно го негува и промовира преку формирање на нови Интернационални ликовни работилници (студија за уметничко изразување преку различни материјали и форми), атељеа за скулптура во мермер, метал, дрво, керамика, пластика, мозаик, графика, витраж, уметничка фотографија, меил-арт, боди пеинтинг и новата гранка дигитал арт која стартува годинава и е прилагодена на новонастанатата состојба.

Во 63 годишното постоење ЦСЛУ, преку овие работилници, создаде повеќе од 1200 уметнички дела од уметници од повеќе од 50 држави од светот.

ЦСЛУ го поттикнува и унапредува ликовниот израз во насока на социјално одговорна уметност, која води грижа за актуелниот момент во општеството и уметноста. Се фокусира и на новите трендови во уметноста, збогатувајќи го фондот на уметнички дела, трендови, стилови во уметноста, материјали од кои се изработуваат делата, и предизвикува нов простор за ликовен израз со уметничко-ангажирана содржина. Се негува традицијата на слободно уметничко изразување.

Loading