ТОЛКУВАЊЕТО НА ДЕНКО МАЛЕСКИ

ivce1Денко Малески не е случаен човек. Професор, висок интелектуалец. Ерудит. Секогаш, со необично задоволство и внимание сме сакале да ги слушаме неговите искажувања. Овојпат, подејствува зачудувачки, да не речеме вчудовидувачки, неговата изјава за Гоце Делчев и Крсте Мисирков. Слушнавме само дел од интервјуто каде Малески вели дека и Делчев и Мисирков биле Бугари. Прашањево е од областа на историјата. Иако за вакви или слични прашања имаме определен став, тоа го задржуваме за себе. Историчарите се тие кои треба да даваат стручни и компетентни мислења. Обично се искажуваме за некои јазични проблеми или поточно недоследности во нашиот јазик. Ќе се задржиме на Мисирков зашто неговата дејност, во најголема мера, е поврзана со македонскиот јазик и македонската националност. Според содржината и карактерот на неговите трудови, најмалку за него може да се рече дека е Бугарин. Тој се бори против тие кои велат дека немало македонска народност. Вели: ,,Немало, ами је имат сега и ќе бидит за однапред,, (да напоменеме дека само во овој случај го цитираме Мисирков. Во наредниот текст ќе го коментираме). Се добива впечаток дека Малески ја зел како ,,доказ,, оваа реченица. Значи, немало македонска народност, но сега ја има и ќе ја има во иднина (за однапред). Дали од ова треба да заклучиме дека Мисирков знаел дека нема македонска народност, но ете, му текнало да рече дека сега ја има и ќе ја има? Не! Тоа не е само некоја апстрактна желба на Мисирков. Тој вели дека имињата – Србин, Бугарин и Грк во Македонија ја ислужија службата и треба да бидат сменети со името Македонец. Вели дека тоа веќе делумно и има настапено. И тоа е точно. Мисирков имаше само една година (1875) кога Ѓорѓија Пулевски го издаде првиот речник. Пулевски предлага дека е најдобро да се соберат од сите краишта: ,,Људи учени, кои го познавајет јазикот мајкин чисто,, и тие да напишат граматика. Само малку пред Пулевски (1873) излезе со оглас кукушкиот учител Венјамин Мачуковски за собирање претплата за издавање граматика. Оваа идеја беше остро критикувана од бугарскиот печат. Овие пројави не беа туѓи за Мисирков. Тој се осврнува и на ,,лозарите,,. Тоа била група Македонци, студенти, кои од Белград се префрлија во Софија. Предводник – Петар Поп-Арсов. По нивна иницијатива се образува едно национално, сепаратистичко движење да се одделат интересите на Македонците од бугарските. Орган на тоа сепаратистичко движење беше журналот ,,Лоза,,. Но, тоа, како што вели Мисирков, не í се допадна на бугарската влада и го забранила издавањето на ,,Лоза,,. Мисирков само се надоврзуваше на овие национални пројави и проблесоци. Мисирков смета дека се созреани историските услови за конечно осознавање на македонската националност, како што во некои претходни историски услови се родиле српската и бугарската. Најзначајното дело на Мисирков – ,,За македонцките работи,,, е запленето веднаш по излегување од печат. Бидејќи била спротивна на великобугарските интереси, властите ја запленуваат и ја уништуваат книгата. Мисирков е принуден да бега од Бугарија. За среќа, сосема мал број од книгата ја преживува таа судбина и останува како документ на историското дело на авторот. Краток е просторов, но Мисирков размислува и пишува за македонскиот литературен јазик. За основа ги зема централните говори: Велес, Прилеп, Битола, Охрид. За прашањето за македонската ортографија се застапува да се примени фонетскиот систем. Неговото пишување не се разликува многу од денешново пишување. Тој ја преведува на македонски јазик песната ,,Путник,, од Г. Прерадовиќ. За крај, ќе приведеме едно негово искажување: ,,Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мајката родина… Јас сум Македонец, со македонска свест и како таков имам свое македонско гледиште на минатото, сегашноста и иднината,,.

Господин Малески! Тешко ќе може да се рече оти Мисирков бил Бугарин! Зар не?

Благоја Ивчески

Loading