БОРБА ЗА ПОБЕДА ДА СЕ ОДРЖИ ВО ЖИВОТ

Фудбал: Миле Спиркоски, овластено лице да раководи со второлигашот

-Долговите намалени од 280 илјади на 60 илјади евра

44Во подалечните времиња имаше ,,тепачки,, за тоа кој да биде претседател на Победа. Тоа се ,,златните,, периоди, во кои пари даваа сите претпријатија од Општината. Сега? Среќа е што некој се нафаќа во најтешкото да го води клубот.  Моментно овластено лице да раководи со клубот до евентуално наоѓање на нов финансиер, е Миле Спиркоски, магистер по бизнис-администрација МБА-менаџмент, некогашен фудбалер и член на управите во 11 Октомври и Победа, како и цела деценија комесар за натпревари во ФФМ.

-Бев поставен да го водам клубот за да не се распадне, да го одржувам во живот. По откажувањето на акционерите, средства добивавме уште два месеца. Во тој период бевме во загуба од околу 280 илјади евра, обврски кон фудбалери, хотели, доверители… Се донесе одлука да се доделуваат ваучери. Добивме ваучер од 87 илјади евра. Од нив, за да функционираме понатаму направивме план евтино да поминиме. Ги доведовме сите прилепски фудбалери. За тековни работи потрошивме околу 40 илјади евра, а околу 50 илјади беа за стари долгови. Благодарност до сите фудбалери кои се откажаа од месечни примања, освен од придонесите. Имаа разбирање, оти се закануваше згаснување на клубот – вели Спиркоски.

Фудбалот не се игра само 90 минути. Мечот видливиот дел. Само една точка во седум дена од неделата. Невидливиот за гледачите, е најтешкиот – организацијата, финансии… Клубот се бори и со малиот број членови во Управата. Покрај Миле Спиркоски се Горан Спиркоски и Петар Димоски. Помагаат капитенот Благоја Гешоски, тренерот Сребре Стефаноски… Клубот можеби е во најтешката ситуација, бидејќи, покрај финансиите, има нема стадион и терени за тренинзи. Но, видливо е дека никој не мисли на предавање. Оти ако е намален долгот на 60 илјади евра, има смисла за продолжување на надежта.

-Преоден период е за наоѓање нов финансиер. Се најави преземање на клубот на Општината. Процесот не е завршен. Во меѓувреме се бараше приватен финансиер. Имало повеќе понудувачи, но како желба. Тоа не е доволно финансиско решение – забележува Спиркоски.

Добро е што Победа опстана во Втората лига. Пандемијата го смени светот, па и фудбалот во земјава. Дојде до прекин на првенствата, па се проширија лигите. Никој не е оштетен, ниту привилегиран.

-Да нема забуна дека некој í помогнал на Победа. УЕФА акцентира аматерските лиги да не продолжат, а за професионалните да одлучат федерации. Ова се совпадна со предлогот за прекин на лигата и неотпаѓање – потсетува Спиркоски.

Никој не си оди

Победа е Победа. И во најтешкото, играчите не помислуваат да заминат.

-Сите играчи сакаат да се врати клубот каде што му е местото. Прашуваат и дел од заминатите играчи. Чекаат нормализација. Тоа е поттик за нивно враќање – информира Спиркоски.

По кои критериуми?

Биле доделени средства за минатата 2019 година преку ваучери. Во Победа не се задоволни со сумата.

-Клубот Кит-Го е формиран пред неколку години и никогаш не играл во Прва лига. Нема млади категории колку што имаме ние. Но, зеде повеќе пари од Победа и Беласица, тогашни прволигаши. Кит-Го зеде три милони, Победа два милиони. Кој е критериумот на ФФМ? Ние со 30 илјади евра треба да функционираме. А, за споредба, Пелистер има 350 илјади евра. Самото ова ќе каже зошто Пелистер има успех, а Победа не.

За Вардар Скопје се дигна на нозе, а овде?

-Вардар се распаѓа. гледаме на нозе е цело Скопје, и медиуми и портали… Да не се дозволело Вардар да пропадне, го напуштил спонзорот. Што се случува во Прилеп: глас нема од никого за да не се дозволи пропаѓање на Победа. А и Победа е бренд. Добро би било, кога брендовите се во криза, да се помогни од страна на тие што се моќни – порачува Спиркоски.

Loading