ДУХОВНО ЗБОГАТУВАЊЕ ВО ПРИРОДНИОТ МИР

Манастирот Свети Никола – Прилепец

Некогаш беше природна воздушна бања, а денес спокоен бисер во прегратките на планината

Prilepec 1

 

Оддалеку изгледа како далечен пејсаж, посебна природна атракција. Закрилен во удобна мешавина од атракции и локален шарм. Манастирот Свети Никола доминира над селото Прилепец на десетина километри од градот. Историските споменици, чумци и други предмети се “неми” сведоци за градскиот живот на некогашен Прилепец.

Липата, леската, јасенот, габерот, се облечени во лисјена руба. Зеленилото и цветовите на планиската падина прават фантастичен венец во различни бои, разубавувајќи го пределот. Привлечност, милина, свежина, смиреност и убавина. Светонеделската чешмичка со лековита вода потсетува дека се “живеело здраво”.

Prilepec 2

Манастирот остана духовен центар, иако порано бил лекувалиште на деца заболени од астма и други болести на дишните органи. Затоа е и погодно место за здравствен туризам.

-Доктори го препорачуваа за лекување од туберколоза, астма, срцеви заболувања. Болните, кои видоа аир, купија и насадија родни дрвја над манастирот кој беше како бисер во недопрената природа – кажува еден постар жител на Прилепец.

Манастирот располагал со економија, со овци, кози, говеда, а и земја, расадник и ливади за здрава храна и незаборавна релаксација и одмор.

Конакот е обновен со 16 чисти и уредени соби со кревети.

-Сé е обновено. Дотерани се просториите. Поставена е нова електрична инсталација. Има вода. Сé е варосано. Обновена е и трпезаријата со кујната. Даруваат луѓе од странство – кажуваат неколкуте селани.

Домаќински се одржува да им се фати окото на посетителите, да прекажуваат, да сликаат и да ги пренесуваат пријатните доживувања во духовниот комплекс во чиј центар е црквата Свети Никола.

Божјиот дар е изграден 1872 година. Го носи името на светецот Никола. Во предвоена Југославија живееле постојано монаси.

Манастирот станал срце на еснафот на дограмаџиите и самарџиите. Вложувале за одржување и за надградување. Секој еснаф изградил посебна соба за симбол на занаетот и се пренесувала како завештание на потомците и на  новите мајстори. Покрај летната слава Свети Никола, манастирот го слави на 2 јуни Свети Талалеј.

prilepec 4

Манастирот бил партизанско засолниште. Одредите денски напаѓале и биеле жестоки битки со окупаторските сили, а ноќе се повлекувале и се сокривале таинствено во конаците да се одморат без никој да не ги забележи.

Во близина е споменикот на деветмина загинати од 12 борци, кои се бореле против бугарските окупатори во 1942 година.

Легенда за Коњаник

На врвот Коњаник над Прилепец имало кладенец, езеро, за кое има легенда дека селаните ја запирале водата, затворајќи го езерото со волна. Некој овчар изрезбарил стап и го пуштил во кладенецот. Стапот бил пронајден во Егејското море, се вели во преданието пренесувано од колено на колено.

timthumb

На три километри од градот на патот за Прилепец во месноста Кула

Бдее храмот Покров на Пресвета Богородица

pokrov na presveta bogorodica 1

Грациозно се извишила црквата Покров на Пресвета Богородица на три километри од Прилеп, на патот за Прилепец. Стамено се стегнала, опкружена со зеленило. Таа е завештание по сон на починатата прилепчанка Добрила Мирческа. Сонила на 80 квадрати намерници да здивнат, да најдат мир во божји храм во чест на Богородица. Со дарови веќе се креваат и конаци покрај издупчениот бунар.

Наследниците на Мирческа го остваруваат аманетот за доградба на божјиот дом.

Црква со исто име има и во Водоча – Струмичко, која функционира и како терапевски центар за болни од зависност, покрај одржувањето на духовното.

Во селото Волково

Антички камен, наместо црква

Антички релјефен мермерен столб од околу еден ипол метар украсен со старомакедонска орнаментика е свето место во селото Волково. Селаните го пренесле, откако Турците им ја изгореле црквата. Столбот станал храм под ведро небо. Местото е покриено и оградено да сведочи за идните генерации, да се сочува симболиката дека жителите палеле свеќи за здравје на каменот уште од 19 век. Обредот што и денес се негува е да се запали првин свеќа на каменот, а потоа во камарата на гробовите, зашто се смета дека местото штити од природни непогоди

Svetiliste od anticki kamen vo Volkovo - Mijakoski i Josifoski

Античкиот столб е како мал обелиск. Крие чудо. Легендата вели дека на стотина метри над каменот имало турска кула. Селскиот бег не можел да ги задржи затворени сурмињата на портата и ја потпирал со каменот, кој на жителите им бил светилиште. Еден ден каменот сам “отишол” на местото кај гробиштата, а бегот со рајата пак го качил да ја потпира портата. Утрината каменот се вратил на своето старо место. По неколку обиди, бегот го фатило шубе и поверувал во светата моќ на каменот. На селаните им ги скусил маките од секојдневното пренесување.

Каменот е дел од некоја античка градба крај селото. За истражувачите, мермерниот столб извајан во дорски стил, бил дел од ѕидовите на изгорената црква и од остатоците на античкиот град Стибера кај селото Чепигово.

Каменот е знак дека локацијата е христијанска, а не паганска.

crkva volkovo 1

Нова црква во Волково

Во селото Волково со двете мали акумулации, сопствениците на месната индустрија Марфил изградија прекрасна црква и камбанарија. Осветениот храм е живописан со фрески, поставен е олтар со икони. Дверите се отворени секоја недела, а за празници свештеник држи литургии. Патот ја симна темнината и отвори видело за селото

ramka crkva volkovo

Loading