ДАРУВАВМЕ КОНВАЛЕСЦЕНТНА ПЛАЗМА ЗА ДА СПАСИМЕ ЖИВОТ

Мирјана Кочоска(55), ќерка на најстарата излечена пациентка од КОВИД-19

doniraj-plazma-1

Мирјана Кочоска (55), со сестра и Славица Тутунџиоска (58), ќерки на најстарата излечена пациентка од болеста  КОВИД-19 Елена Макалоска (85), даруваа конвалесцентна плазма за болните од Ковид 19. На 3. јуни во трансфузиолошкиот центар во Прилеп, ја покажаа својата храброст и хуманост.  Нивната плазма која има антитела ќе се користи како лек и надеж за потешките пациенти. Бидејќи се излечени од корона вирусот, ем ја знаат маката низ која минуваат заразените пациенти, ем се горди и негуваат надеж дека ќе помогнат во борбата со болеста кај останатите тешко болни пациенти со антителата кои организмот ги создал. Кочоска ги охрабрува другите оздравени пациенти со дарувањето на крвна плазма да помогнат на други заразени да ја добијат полесно битката со опаката болест.  

-Задоволство е да се помага. Важна е хуманоста оти човечкиот живот ништо не го заменува. Се чувствувам исполнето. Радосно. Пријатно. Крвта ја дадовме на 21 ден по вториот негативен тест и кога не примавме никакви лекарства. При земањето на крв, беа докторката Јованоска и докторката Ацески – вели Мирјана Кочоска.

Откако ја минала голготата со новата и непозната болест, заедно со целото семејство, со семејството на сестра í и мајка í која успеала да се излекува, не се двоумеле со сестра í да ја подадат раката и да даруваат крв за да спасат живот. 

Humani sestri daruvaa krvn aplazma  za bistka so Kovid

-По некое време, откако не пуштија од болницата, во консултација со докторката, ме прашаа дали сакаме да даруваме крвна плазма, доколку одговара. Се согласив. Не помислив да откажам. Прифативме двете, бидејќи тоа што го поминавме и другите што ги гледав, сметав дека треба да им се помогне на заболените, да се спаси некој, односно да се биде хуман. Првин ни зедоа крв и по десеттина дена ни ги кажаа резултатите. Од сите што дававме крв, само јас и сестра ми сме биле подобни, сме имале доволен број антитела потребни да се дадат во организмот на друг за да го намалат дејството на вирусот, да делуваат позитивно, да се излекува пациентот. Во одделението за трансфузиологија во Прилеп дадовме крв од која се одделува плазмата, а процедурата се правела во Скопје. Дадовме по една кеса крв. Постапката не беше болна, како крводарување. Траеше десеттина минути – објаснува Кочоска.

Сестрите сега не примаат никакви лекови, само витамин Ц и Д. Се чувствува добро.

Mirjana Kocoska

-Не чувствувам слабост, ниту по дарувањето, ниту сега. Иако претходно ми беше малку страв. Ги охрабрувам сите кои имаат доволно антитела да се јават во трансфузиологија во Прилеп. Тоа е хумано и добро е да му се помогне на секому, оти бевме сведоци на полесни и потешки случаи. Во Прилеп има и смртни случаи. Затоа, ако може, зошто да не  се спаси живот. И еден живот е драгоцен – вели Кочоска. 

Уште í се свежи сеќавањата за траумите низ кои минала. Дома сите биле заразени. Од поширокото семејство, била заболена и сестрата Славица Тутунџиоска со зетот, како и мајка í Елена. Таа и мајка í се лекувале во болница, а сите останати на домашно лекување. Најтежок момент í бил психичкиот, првите денови кога дознала дека е позитивна.

– Лекарскиот тим и персоналот на Инфективното одделение ме охрабруваа дека не е ништо страшно. Се однесуваа мошне професионално за да му помогнат на пациентот. Ним им сум премногу благодарна, оти помогнаа и во санирањето на мојата психичка состојба. Ми го сменија мислењето и добив психолошка поддршка. Здравствено ми беше најтешко пред да појдам на болница. Мислев дека умирам. Немав многу проблем со дишењето. Бев омалаксана, имав болки во сите зглобови и во стомачните мускули. Не можев да станам од кревет. Станував со помош. На болница системите ми помогнаа. Имав температура десетина дена. После 4-5 дена се смири воспалението на мускулите. Имав и малку вртоглавица. Станував само за вода и за јадење. Не се утврди изворот на вирусот. Се чудиме сите. Од мене никој не заболи. И мајка ми, не знам како заболи. Не знаеме како го фативме вирусот и кого го префативме – вели Кочоска.

Сега сите живеат нормален живот и одат на работа. Од срце и душа на сите сограѓани им препорачува совесност и одговорност. 

– Носење на маски и миење на раце, без гушкања и бакнување, дружење на растојание. Сите мерки треба да се почитуваат, пред сé, за сопственото добро, а после за доброто на сите околу нас – вели Кочоска.

Оние граѓани кои не веруваат, Мирјана Кочоска не би сакала да се заболат и лично доживеат за да се уверат во постоењето на вирусот. Таа е многу благодарна на ангажманот од вработените од Инфективното одделение за професионалноста и грижата која ја добиле.

Mirjana so majka i Elena  Makaloska

КОЈ МОЖЕ ДА ДАРУВА?

Во крвната плазма на лицето кое било излечено од вирусната инфекција Ковид-19 има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста и се нарекува конвалесцентна плазма. Се користи за лекување на заболените од КОВИД-19, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста. Терапијата со конвалесцентната плазма се покажала ефикасна против болести од вирусите Ебола и САРС. Бидејќи не постои специфична терапија, ни вакцина, неодамнешните истражувања укажуваат дека конвалесцентна плазма е корисна во лекувањето на коронавирусот. Конвалесцентна плазма може да дарува лице кое е оздравено и има два негативни теста и минимум 21 ден без симптоми. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години. 

Sestrata Slavica Titindzioska

БЛАГОДАРНОСТ ОД СРЦЕ

Прилепчанките, Славица Тутунџиоска и Мирјана Кочоска, ќерки на најстарата излекувана пациентка, даруваа конвалесцентна плазма во ОТМ Прилеп.

– Порачаа дека даруваат од срце за да помогнат на оние кои се болни од Ковид 19. Голема благодарност од срце од името на болните – напиша д-р  Виолета Јованоска на 3 јуни на својот Фб профил.

НАЈСТАРАТА ИЗЛЕГУВАНА ПАЦИЕНТКА СЕ ЧУВСТВУВА ДОБРО

На 29 април, Инфективно одделение прилепската болница го напушти најстариот излекуван пациент од корона, 85 годишната Елена Макалоска. Таа беше фотографирана заедно со дел од персоналот. Макалоска сега се чувствува добро.

– Имаше еден коментар што ме револтира кога мајка ми излегуваше од болницата, во кој се велеше колку пари и дадовте на бабичка да се слика! Кој ум тоа би го рекол или би го направил! Маките што ги поминавме и јас, и мајка ми, никакви пари не ги надополнуваат. Потребна е совесност. Болеста се лекува ако навреме се третира. Мајка ми сега добро се чувствува – вели Кочоска.

Loading