Фудбал: Мислите кон новото второлигашко првенство
Силен клуб е предуслов за силен тим
Според последните одлуки на Фудбалската федерација, во Втората лига нема да продолжи првенството. Тоа значи дека нема да има отпаѓање, што е значајно за Победа, екипа која беше загрозена, при дното од табелата. Не е битно како, а најбитно е дека целта е постигната.
-Значајни се овие одлуки, оти го надминавме стравот од отпаѓање. Остануваме второлигаши. Клубот доби од вонредната состојба. Со пандемјата скоро во цел свет, освен во Германија, не се игра второлигашки фудбал, аматерски. Така и кај нас – смета Дарко Крстески, тренерот.
Играчите на Победа уште работат индивидуално. Така ќе продолжат, оти не може поинаку. Пандемијата трае и во пресрет на летото, наспроти очекувањата. Таа ,,помогна,, за опстанокот, ама ги попречува плановите за колективните тренинзи. Фудбалерите и тренерите и натаму ги нема на игралиштата низ градов.
-Планиравме постепено да почнеме собирање. Малку по малку, да одработуваме колективно по две-три сесии неделно. Слушаме вести за нови заразени. Пандемијава не попушта. Не смее да се дозволи ризик. Преостанува да чекаме натаму – вели Крстески.
Сите погледи се свртени кон новото првенство. Дали Победа ќе ги надмине ланските слабости? Силен клуб е предуслов за силен тим. Но, се знае во каква ситуација беше клубот. Без стадионот, без поголема финансиска моќ, без одбрани засилувања, Победа не е вистинска Победа. Зачуваниот второлигашки статус треба да биде поттик за подобро организирање.
-Нужно е тоа да го постигнеме, за да не дојдеме И на есен да се бориме за опстанок. Да не чекаме и тогаш да не спасува нешто, како сега, пандемијата. Стадионот е при крај. Се наѕира крај на патувањата настрана или играње кај Могилата. Се размислува за играње на својот стадион пред многубројната публика. Многу поинаку се чувствува Победа пред публиката на Градскиот стадион. Како тренер, многу поинаку се чувствувам таму, со поголема одговорност, од друга страна со поголем мотив, оти и амбиентот е различен. Само тој што бил таму, знае како изгледа тоа чувствтво – порачува тренерот Крстески.
Тој очекува клубот да ги утврди натамошните амбиции, цели кон кои се стреми, а ако се реши за засилувања, тоа може да се постигне. Познато е дека сега во екипата се само неколку искусни, додека повеќе се млади играчи. Откако најдобрите ќе се задржат, може да се доведат и повратници.
-Клубот да се среди, а останатото ќе дојде само по себе. Може да се вратат нашите прилепчани докажани во други средини. Ако сакаме Победа да се врати каде што í е местото, првин треба да се среди како клуб – заврши Дарко Крстески.
Теренот со базје
Одамна се најавува потревнување на теренот од Градскиот стадион. Еднаш се зборуваше дека ќе има сеење, сега се најавува поставување базје. Важно е конечно да се почне. Не е нешто што не може да се заврши за месец – два. Убаво е екипата на Победа наесен да игра на убава зелена подлога.