ПЕТ ИЛЈАДИ БИТОЛЧАНИ СКАНДИРАА НИЗ ПРИЛЕП

Историја

Кога се играа фудбалските дерби-мечеви Победа – Пелистер, сосема очекувано ,,вриеше,, од народ. И битолчани доаѓаа во голем број. Но, мошне помалку се знае за тоа дека огромен интерес во минатото предизвикуваа и дуелите 11 Октомври – Пелистер. Се потсетуваме на два од нив.

На 6 април 1975 година се одигра дербито од Републичката лига меѓу 11 Октомври и Пелистер. Неколку часа пред мечот околу 5000 битолчани скандираа низ улиците на Прилеп, предизвикувајќи ги прилепчаните масовно да дојдат на стадионот ,,Гоце Делчев,,. На трибините се собраа над 10 илјади гледачи. Гостите ја имаа почетната офанзива и дадоа два гола за убедливо водство до 15 минута. Но, до крајот на полувремето домашните возвратија на ист начин и израмнија на 2:2. Во второто полувреме се разви голема битка за вториот бод, но мрежите останаа незатресени и бодовите се поделија. Против кандидатот за првото место и бодот беше успех за домашниот тренерски тандем Јакимоски – Јорданоски.

Дерби меѓу истите ривали, во истиот ранг, се одигра три години подоцна, на 10 септември 1978 година. Тогаш мечот 11 Октомври – Пелистер го проследија близу 12 илјади гледачи. Прилепскиот тим, на тренерот Петкоски, прикажа извонредна игра, и со високи 3:0 го ,,растури,, реномираниот гостин. Таа силна екипа покажа дека е подготвена за повисок ранг – Втората југословенска лига. Но, на полусезона најдобрите преминаа во Победа. Така пролетта беше слаба и екипата одвај, дури во последното коло, се спаси од отпаѓање. Градот не смееше да ја испушти Победа како приоритет, а ,,жртва,, беше 11 Октомври.

Екипата на 11 Октомври се подигна ранг погоре – во Првата лига на Македонија, над Победа, член на Втората лига, дури во сезоната 2011/12, кога на трибините имаше над 5000 гледачи.

Loading