КОВИД 19 НЕ СПЛОТИ СИТЕ

Моника Бошкоска (42), медицинска сестра на Инфективното одделение во прилепската болница

Пациентите нé благословуваат секој ден

Нé препознаваат само по гласот. Никогаш не успеваат да ни го видат лицето од заштитната опрема

M9

Медицинската сестра Моника Бошкоска (42) од Инфективното одделение секојдневно се соочува со заболените од корона вирусот. Главен мотив í е да истрае во професионалната работа и да им се помогне на болните. Таа е силна и со храбар дух, додека се соочува со секакви предизвици на работното место. Како медицински работник, минала низ неколку скалила. Почнала како болничар, работела на наплатен шалтер и како медицинска сестра четири години. Веќе две ипол години работи на Инфективното одделение. Таа е помош, утеха и постојано подадена рака за пациентите. Мајка е и на малолетно дете кое секојдневно ја чека нејзината прегратка. Професијата е хумана и ја работи со љубов. Се случувало да учествува во транспорт на пациенти во Скопје дури и трипати во едно деноноќие.

M2За време на пандемијата на Ковид-19, медицинските сестри заедно со лекарите, сте на првите борбени линии?

– На ризик сме изложени и медицинските сетри, но и докторите. Нашите инфектолози го имаат товарот и ризикот. Кога ќе дојде некој суспектен на Ковид 19, докторите нé дистанцираат од потенцијалните пациенти, а ако има потреба ќе нé викнат. Нé штедат максимално. Восхитена сум кога ќе дојде пациент без разлика дали во 2 или 3 по полноќ. Најважно е да му се помогне, ако треба и да се препрати на друго одделение. Разбрано и смирено, за доброто на пациентот. Пациентите ни се јавуваат и дома за нешто што заборавиле да ни го кажат.

 

 

Колку е стресно? Како се справувате со предизвиците?

– Во почетокот на пандемијата немавме доволно маски, но началничката се избори за маски, скафандери, визири и останата опрема. За да ја штедиме униформата бевме изложени по 4-5 саати да бидеме во собите со пациентите додека ја аплицираме терапијата. Уште постои страв од Коронавирусот, се соживуваме со пациентите, се зближуваме со нив. Сите нешто прашуваат, сите се во паника, страв, од едната соба прашуваат за пациентите во другата, прашуваат како е мажот ми, види да не заспие, да не има температура… На сите им помагаме.

M3Со какви очи ве гледаат пациентите?

– Нашите мобилни телефони ги има секој пациент. Цело време сме во контакт и кога не сме со нив. Работиме со маски, визир, скафандер и три рала ракавици. Една пациентка имаше вени кои потешко се пронаоѓаат. За да ја ставам браунилата бев приморана да ги извадам ракавиците. Таа со солзи во очите се тргаше настрана и ме молеше да не се изложувам на ризик. Одлучив да ги измијам рацете со сапун, немам рани, потоа со дезинфекциски средства. Така се изложуваме на ризик, не само јас, туку и останатите колешки. Само пациентот да биде помалку трауматизиран. Пациентите нé благословуваат секој ден. Задоволни се од нашата работа. Многупати се јавуваат кога не сме на смена. Најчесто ми велат, кога ќе излезеш од зградава да си одиш, од прозорецот да те видам која си, да видам како изледаш, да те запознаам. Нé препознаваат само по гласот. Не успеваат да ни го видат лицето од заштитната опрема. Карактер сум што гледам на сé позитивно, со смеа. Еднаш кога доаѓав на работа, го поздравував еден пациент кој стоеше крај прозорецот и му довикував, како си добар си, а тој зачудено гледа и не ме препознава. Откако ја облеков  униформата, отидов во болничката соба и му кажав дека бев таа која однадвор го прашував како е. Тој беше зачуден. Мислел дека сум се препознала. Ние ги познаваме и мислиме дека и тие нé препознаваат.

 

 

Тешко е да се работи со скафандер и три рала ракавици? Колку е напорно?

– Работам по 12 часа, дневна, потоа ноќна смена и два дена приправен за транспорт на пациенти за Скопје. Ми беше многу тешко во почетокот, оти првпат се соочувавме со таков тип на работа и протокол. Не бевме навикнати да дишеме со маска, ни сметаше. И пациентите кога ќе влезевме во собите ги ставаат маските и нé штитат нас. Тоа е демонстрација на чувството на одговорност на пациентите. Им се гледа во очите колку се потресени, исплашени од смртноста на вирусот кој ги напаѓа белите дробови, од сознанијата дека ги ставаат на респиратор и нé гледааат како светци. Стравуваат да нé не се појавиме, да нé ги напуштиме. Секогаш им правам некакви шеги со зборовите: ,,Како се денеска девојките, односно момчињата?,, иако имаше баби, тетки, дедовци… Дури правиме разговор на други теми за да им заминат мислите во друга насока. Една пациентка додека и давав терапија ја слушнав каде што разговара на телефон со сопругот на месинџер и му се жалеше тој да ги гледа децата, нешто ќе í се случи, нема да заврши добро. Беше многу вознемирана и полна со негативна енергија, па морав да ја тешам. На сопругот му кажав дека е вознемирена и со неа ќе биде сé во ред, оти е во добри раце и нема да дозволиме нешто да и се случи. Не е толку опака и опасна болест, нормално за секого различно. Ја храбрев да разговараме за децата, да биде упорна, да ми се јавува на телефон секогаш кога сака. Сите така комуницираме, никој не одбил разговор дури и дома кога сме. На пациентите гледам како да ми се татко и мајка. Атмосферата е поинаква, бидејќи гледаат, следат на телевизија што се случуваше во Кина, Италија и беа многу исплашени. Скафандерот создава жештина. Маската го поти визирот и тешко има прегледност во работата. Некогаш влегувам и со престилка, со калјачи и ракавици.

M5На колку тажни слики сте биле сведок?

– Кога ги транспортираме за Скопје лицата им се уплашени, тахикардични, им се тресат рацете, прашуваат за перспективите за нивното здравје. Зошто ме праќате во Скопје, зарем сум толку ризичен, нема да завршам добро. Им кажуваме дека ги праќаат, затоа што таму има подобра апаратура и помодерни испитувања и лекови кои може да помогнат. Скопје се праќаат за навремено да се интервенира. Да не се плашат доколку вклучиме сирени, заради метежот во сообраќајот, а не заради влошување на нивната здравствена состојба. Учествував во многу транспорти, бев доброволец и за други одделенија, оти ја сакам професијата. Ги фаќа уште поголем страв и паника и срцето уште посилно почнува да им чука кога им мериме и сатурација…

Има граѓани кои не веруваат во постоењето на вирусот?

Кој не видел искрено како изгледа еден пациент во тешка состојба, не верува. Ми се јави една пријателка на која мајка í беше позитивна. Ми кажа дека до вчера не верувала. Мислела дека е некоја политика, перење пари, постоење на 5Г… Дури сега се чувствува многу исплашена и í е страв што може да í се случи на мајка í. За неверниците зарем треба да им се случи нешто лошо, не дај Боже, па да ја осознаат состојбата.

M7Чувствувате ли страв?

Работата не е проблем, туку психичкото малтретирање. На една смена дневно и по 4-5 пати се пресоблекуваме. Трипати влегуваш, по сат иполовина внатре за терапија, плус за земање на крв итн. Немам страв, но внимателна сум заради семејството и сопругот. Дополнителен ангажман е и административната работа, покрај работата на одделение, во амбуланта или во делот за изолација. 

Поминувате долги непреспиени ноќи и денови во грижа за пациентите. Медицинските сестри се спасот?

– Ја сакам професијата. Сакам да им помагам на луѓето. Медицинските сестри се несебични, пожртвувани и со секојдневна грижа за пациентите. Храбро ја извршуваме професијата. Сложни сме и работиме тимски. Со огромна желба и љубов одлучив да бидам медицинска сестра и да се занимавам со оваа професија. Треба точност, професионалност во работењето.  Дури некогаш сум била и премногу посветена. Бевме обучени да бидеме внимателни, ни кажуваа како да се однесуваме, по кој протокол. Никој не се зарази. Полни сме со енергија и повеќе се засакавме меѓу себе, се сплотивме низ работата. Сите бевме максимално ангажирани, соработуваме детално за секој пациент. Контактираме без разлика дали сме дома или на работа. Се почитуваме, нема злоба и има добра клима на соработка.

Се намалува бројот на новозаразени во Прилеп. Но мерките остануваат?

-Граѓаните треба да ги почитуваат препораките, да носат маска и да држат дистанца. Препорачувам да бидат искрени со докторите и  доколку биле во контакт со некого, да ги посочат сите контакти и да соработуваат со здравствените работници во интерес на здравјето на сите. Вирусот е опасен, постои и лекувањето зависи од организмот на човекот. Некој можно е да помине без симптоми, но може да инфицира. На некого можеби сум му трн во очите, оти не трпам неправди. Многумина не го гледаат мојот труд и посветеност, искреност. Но, среќна сум, бидејќи нема пацинет кој е незадоволен од мојата  професионална работа како медицинска сестра. 

M4ЧЕЗНЕАМ ЗА ПРЕГРАТКА СО ДЕТЕТО

Имате посебен протокол кој важи за вас и кога ќе излезете од работа за дома да не им ја пренесете заразата.

– Има стресови, бидејќи сум мајка на три деца. Дури имам и внука од година ипол. А најмалото дете ми е 4 години. Пред да си одиме од работа униформата на закачалки ја дезинфицираме, чорапите ги сменувам. Обувките кога ќе стигнам дома ги оставам надвор и директно одам во бањата и детелно се капам со многу пожешка вода, колку што можам да издржам, бидејќи сум мајка и имам мало дете кое сака да се гушка и милува. Ги избегнувам директните контакти, ги ретчам низ игра. Имав по три транспорти во денот. И не можев да се видам со децата и сопругот. Не користам дома посебна соба за спиење. Се дезинфицирам редовно, користев витамин Ц, за зголемен имунитет. Многу овошје и салати. И моите пијаат Ц витамин, бидејќи тој ја зголемува отпорноста на организмот. 

Loading