„КАДЕ СИ, МАЈКО МОЈА“ – НОВА КНИГА ОД БЛАГИЦА БУНТЕСКА

Blagica Bunteska„Каде си, мајко моја“ е насловот на новата книга од поетот и писател Благица Бунтеска. Тоа е дело во исповедна форма запишано за животот на Ристо, еден неизмислен херој и копнежник за мајчинска љубов.

Издавач е ДНУ Прилеп.

– Се надевам дека ракописот ќе допре многу срца, ќе ги растрепери, ќе се откријат многу тешки случки во душата на едно дете, оставено на грижното секојдневие, во потрага по неговата мајка, која не успева да ја пронајде – вели авторката.

Според  рецензентот Слободан Беличански, книгата има моралистичка порака. Повикува на семејна и меѓучовечка љубов и солидарност, како трајни вредности, независно од местото и времето каде човек живее и организацијата на општеството во кое егзистира.

– Делото ја растажува и потресува човековата душа. Но, не дозволува таа да се загуби во безнадежност и бесперспективност. И таа, и целиот Ристов живот, се сведоштво за непресушената човекова потреба за давање и  примање љубов, како нешто без кое не е можен опстанокот на човештвото – вели Беличански во рецензијата.

Бунтеска е редовен член на Клубот на литературни творци Прилеп.  Одамна пишува. Учествувала на бројни поетско книжевни манифестации и е добитник на награди и за поезија и за проза.

Авторка е на стихозбирките ,,Семејна лоза,, и ,,Трепети во душа,,.

Loading